Двојно повеќе пасоши годинава отколку лани Reviewed by Momizat on . Мобилните тимови за издавање пасоши во дијаспората работат со полна пареа. Изминативе десет месеци во Австралија, САД и во Европа се издадени двојно повеќе пасо Мобилните тимови за издавање пасоши во дијаспората работат со полна пареа. Изминативе десет месеци во Австралија, САД и во Европа се издадени двојно повеќе пасо Rating:

Двојно повеќе пасоши годинава отколку лани

Двојно повеќе пасоши годинава отколку лани

Мобилните тимови за издавање пасоши во дијаспората работат со полна пареа. Изминативе десет месеци во Австралија, САД и во Европа се издадени двојно повеќе пасоши отколку во цела 2011 година. Некои од активистите во дијаспората велат дека ова може да се толкува како знак дека се подготвуваат предвремени избори.

Дури 1.395 македонски иселеници извадиле пасош во мобилните станици, за разлика од минатата година кога биле издадени вкупно 705 пасоши во дијаспората.

Најголемата трка по пасоши ја воделе нашинците во САД, каде што се издадени 430 пасоши во Њујорк, над 200 во Чикаго и 101 во Детроит. Македонските иселеници во Австралија и во Kанада извадиле повеќе патни исправи од оние во Европа. Во Kанада, од почетокот на годинава се издадени 167 пасоши, а во Австралија – 235.

Пратеникот за Австралија, Мики Додевски, вели дека во последно време нашинците се позаинтересирани да извадат македонски пасош.

– Дефинитивно има засилен интерес во последните неколку месеци и од тие причини работиме да се отвори можност за издавање македонски пасоши во некој друг град во Австралија, со тоа што секоја поголема заедница ќе биде одделно посетена – вели Додевски.

Тој објаснува дека цената за вадење на пасошите во мобилните станици била повисока, но од пред некоја година е намалена.

– Според законската рамка, пасошите треба да бидат извадени во рок од три месеци, но поради технички причини, кои се поврзани со далечината, некогаш се случува да задоцнат – вели пратеникот за Австралија.

Ицо Најдовски, активист на македонската заедница во Австралија, вели дека засиленото издавање пасоши е знак дека се подготвуваат избори.

– Мобилните екипи, кои беа ‘рѓосани, сега почнаа да работат засилено. На радио тоа го најави и пратеникот Додевски, кој даваше инструкции како да се вадат пасоши, со објаснување дека било многу важно секој да има пасош, а процедурата ќе траела само три месеци. Со други зборови, изборите се на прагот, напролет, а дотогаш треба да се извадат биометриски пасоши оти другите не важат – вели Најдовски.

Податоците од МВР покажуваат дека во трка по пасоши се и нашинците во Kанада. Во 2010 година во конзулатот во Торонто биле извадени 86 пасоши, минатата година 109, а од почетокот на 2012 година 167. Во јули годинава конзулатот ги информирал нашинците дека од септември ќе почне да издава биометриски пасоши. Освен издавањето пасоши, на терен се и пратениците. Павле Саздов, пратеник на американската изборна единица, изминативе денови имаше средби со македонските граѓани во околината на Торонто и присуствуваше на големиот собор по повод 50-годишнината од градењето на катедралната црква „Свети Kлимент Охридски“, која се смета за најстара македонска православна црква надвор од Македонија.

– На нашите средби граѓаните главно се интересираа за спорот за името, што е и нормално бидејќи се работи за едно од врвните национални прашања за Македонија – изјави Саздов.

На средбите во Хамилтон, Ајакс, Мисисага и Маркам, на кои присуствувал и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Kоњановски, било разговарано за практични теми и за врските на Македонците од дијаспората со матичната земја, јави дописникот на МИА.

– Македонските граѓани од Торонто беа многу задоволни што од септември годинава во конзулатот во овој град има мобилна станица за издавање пасоши. Се интересираа и за постапката за упис на новороденчиња за македонско државјанство. Оваа година стотина деца на македонски родители присуствуваа во кампови за учење македонски јазик во Македонија. Уште едно прашање за кое имаше интерес е потпишувањето на договорот за отворено небо со САД, и активностите да се потпише таков договор и со Kанада, кои може да отворат пат за полесно авионско поврзување на Македонија со САД и со Kанада. Сметам дека тоа беше и целта со воведувањето на трите пратенички места од дијаспората, да работиме на проекти за поврзување на македонските иселеници со татковината – изјави Саздов.

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top