Широка коалиција: добар предлог, тешка реализација! Reviewed by Momizat on . Партиите молчат по сугестијата на Хан за потреба од широка коалиција. Според неофицијални информации, по прицип „и волкот сит, и овците на број“ Груевски и Ахме Партиите молчат по сугестијата на Хан за потреба од широка коалиција. Според неофицијални информации, по прицип „и волкот сит, и овците на број“ Груевски и Ахме Rating:

Широка коалиција: добар предлог, тешка реализација!

Широка коалиција: добар предлог, тешка реализација!

Партиите молчат по сугестијата на Хан за потреба од широка коалиција. Според неофицијални информации, по прицип „и волкот сит, и овците на број“ Груевски и Ахмети нашле формула за влада без отстапување од тврдите позиции

Меѓу парламентарните партии во Македонија засега нема изразен интерес за формирање влада поддржана од широко парламентарно мнозинство, како што вчера сугерираше еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, одговарајќи на прашања пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Се надевам дека наскоро ќе биде формирана новата влада поддржана од мнозинството, за да продолжи да отвора европски перспективи за земјата и за да можеме набргу да ги почнеме преговорите за членство и поглавјата за преговори, едно по друго. Но, потребно е за тоа да се исполнат некои услови. Тоа ќе биде можно само ако има широко парламентарно мнозинство кое ќе ја поддржи владата на оваа земја. Само тогаш можат да бидат донесени потребните мерки“, рече Хан. Според еврокомесарот, таква влада може успешно да го спроведе процесот на реформи, да го решава спорот за името и да ја доближи земјата до ЕУ.

„Рогови во вреќа“

Досега нема никакви официјални изјави на партиите за сугестијата на Хан, која доаѓа во текот на преговорите за состав на нова влада. Од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се затворени за официјална комуникација на тема „преговори“, а воздржаност од јавно коментирање на изјавата владее и кај други партии. Поранешниот премиер, денес лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, смета дека широка коалиција е реално решение во овој момент.

Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei (DW/P. Stojanovski)Љубчо Георгиевски

„Да потсетам, јас и пред изборите потенцирав дека тие нема ништо да решат, имајќи го предвид расположението на гласачите. Независно дали ДУИ ќе влезе во влада со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, јасно е дека една голема партија ќе остане во опозиција, а тоа значи натамошни поделби и години на блокирање. Затоа сметам дека изјавата на комесарот Хан е дадена со добра намера, согледувајќи дека кризата може да продолжи. Таа е прифатлива, а реално – и нема друго решение. Ако сакаме да се одлепиме од оваа состојба, таа голема коалиција треба да има јасна агенда што ќе работи. Идејата е добра, а дали ќе се согласат партиите – тоа е друга работа“, вели Георгиевски.

Искуството од однесувањето на партиите во пржинската влада како „рогови во вреќа“, кај други ја намалуваат вербата дека тие може да функционират усогласено во широка влада. Сличен став дели и поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

„Широка коалиција е потребна за решавање на важни прашања кои бараат двотретинско мнозинство, но сметам дека тоа сега не е можно. Не верувам, бидејќи во таква широка коалиција двете македонски партии ќе продолжат да тераат своја политика и ниту едно прашање нема да се реши. Ако Груевски успее да формира влада, нека формира. Ако не – мандатот треба да му се даде на Заев. Сметам дека и со 61 глас може да започне процесот за поместување на работите и да биде почеток за решавање на проблемите“, вели Андов.

Тесни интереси контра широка коалиција

Иако стратегиските приоритети на Македонија – членство во ЕУ и НАТО (за кои еден од условите и решавање на спорот за името) се највисоко рангирани во партиските програми, преговарачкиот процес засега повеќе се раководи од внатрешни прашања и во тесен формат, според принципот „победникот со победникот“ во македонската и во албанската заедница. На таа линија се водат и преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, иако токму партијата на Ахмети соопшти дека две од четирите цели од кои нема да отстапи се интеграција во ЕУ и во НАТО. Иако од ДУИ знаат дека патот до исполнување на овие цели води преку широка политичка поддршка, таа засега не е вкалкулирана во проекциите за состав на новата влада. Во моментов се преговара за политичка влада меѓу старите коалициски партнери. Според неофицијални информации, Груевски и Ахмети веќе нашле формула како да не отстапат од своите тврди позиции, а сепак да формираат влада. По приципот „и волкот сит, и овците на број“, Ахмети очекувал еден од условите да ги исполни со помош на СДСМ, односно таа да помогне за изгласување на законите за СЈО. Се сметало дека тоа нема да ја загрози позицијата на Груевски, бидејќи тој бил уверен дека обвиненијата од СЈО нема да го поминат филтерот на контролираното „сваровски-судство“. Останало уште да најдат формула за решавање на прашањето за двојазичноста.

Високи функционери од ДУИ тврдат дека не слушнале за ваков план, но потврдуваат дека во моментов „има атмосфера“ за решавање на клучните прашања. Тврдат дека сѐ уште не се формирани преговарачки групи, и немаат одговор зошто е тоа така, на само четири дена пред истекот на законскиот рок, во кој Груевски треба да соопшти дали обезбедил мнозинство што ќе поддржи нов владин состав.

„Досега не е одржана нова средба со ВМРО-ДПМНЕ, освен онаа што ја имаше господинот Ахмети со господинот Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме побараа одредени консултации во врска со употребата на албанскиот јазик, и за тоа од ДУИ им се дадени одредени размислувања, исклучиво на експертско ниво. Очекуваме да се одржи седница на Централното претседателство, на кое ќе се разговара за сите клучни прашања“, велат овие извори.

Потврдуваат дека и натаму постои голема поделеност по прашањето за нова коалиција со Груевски, но не можат да проценат со каква одлука ќе завршат преговорите.

„Сите опции се отворени. Точно е дека има големи потешкотии, но не е исклучено тие да се надминат ако се појави некаква олеснителна околност“, велат тие. Не се впуштаат во изјаснување која би можела да биде „олеснителната околност“ што ќе ги реши преговорите.

Ali Ahmeti mazedonischer Politiker in Berlin (DW/S.Padori-Klenke)Али Ахмети имаше средба со Груевски, се очекува седница на Централното претседателство на ДУИ

Реприза од 2014 година

ДУИ многупати досега поставуваше услови од кои не отстапува, но брзо потоа наоѓаше формула да го оправда ретерирањето од декларираните позиции. Така беше и во 2014 година, кога како услов за останување во Владата ја стави интеграцијата во НАТО и ЕУ.

„Приоритет на заедничкото владеење ќе биде интегрирањето на земјата во НАТО и ЕУ. Потоа ќе се постават на маса предизборните ветувања на ДУИ за прашањата во врска со унапредувањето на правата на Албанците. Ако ова не се случи за шест месеци, тогаш ДУИ ќе ја преиспита владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, изјави тогаш портпаролот на ДУИ, Бујар Османи. Беше најавено дека договорот ќе биде ревидиран по шест месеци, по тогашниот септемвриски самит на НАТО и по октомврискиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија.

Во меѓувреме, Македонија не само што не забележа никаков напредок на евротлантскиот пат, туку се повеќе се оддалечи од него. ДУИ не го преиспита учеството во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ ни по шест месеци, ниту во годините потоа, во екот на кризата. За четири дена ќе се знае дали и какво коалициско оправдување ќе најде ДУИ за двете декларирани цели, по толку години тежок застој на интегративниот пат.

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top