МНОГУ БЕНЕФИЦИИ, НЕДОВОЛНО СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ Reviewed by Momizat on . Дали македонските фирми треба да уживаат еднакви бенефиции какви што важат за странските компании во економските зони? Ова прашање често се актуализира од стран Дали македонските фирми треба да уживаат еднакви бенефиции какви што важат за странските компании во економските зони? Ова прашање често се актуализира од стран Rating:

МНОГУ БЕНЕФИЦИИ, НЕДОВОЛНО СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

МНОГУ БЕНЕФИЦИИ, НЕДОВОЛНО СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

Дали македонските фирми треба да уживаат еднакви бенефиции какви што важат за странските компании во економските зони? Ова прашање често се актуализира од страна на домашните фирми кои реагираат до надлежните институции поради нееднаквиот третман. Истото мислење го делат и граѓаните, што се потврди во повеќе досегашни истражувања и анкети, според кои домашните фирми сакаат исти ослободувања за полесно да го водат бизнисот и да остваруваат поголеми профити. Од друга страна, пак, објаснувањето на надлежните е дека македонските компании ретко нудат солидни извозни бизнис-планови за да добијат место во слободните економски зони.

И најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), која ја објави Центарот за анкетни истражувања, покажува дека 51 отсто од граѓаните сметаат дека домашните компании немаат доволна поддршка од државата, 24 проценти оцениле дека и странските и домашните компании треба да имаат еднакви услови за водење бизнис, додека само 21 отсто од испитаниците рекле дека целосно ги поддржуваат субвенциите и погодностите што им ги дава Владата на странските инвеститори.

Иако Владата официјално никогаш не соопштила колку пари од државната каса се издвојуваат за странските компании, се претпоставува дека на годишно ниво се трошат за оваа намена по повеќе стотици илјади евра за изградба на производствени објекти, за обуки за вработените, за плати, комунални давачки и слично. А според анализите на Здружението на млади аналитичари, ЗМАИ, во последните шест години речиси двојно се зголемени државните трошоци за привлекување СДИ.

Инаку, според Законот за технолошко-индустриски развојни зони, постојат бројни бенефиции што им се нудат на странските компании во зоните. За период од 10 години тие се целосно ослободени од плаќање на данок на добивка, а плаќаат 50 отсто од персонален данок на доход во период од 5 години. Земјиштето се дава под закуп до 99 години, по цена од 1 евро за квадрат. Има ослободување од плаќањето надомест за уредување на градежното земјиште, што го плаќа Владата во корист на локалната самоуправа, како и од надомест за градежни дозволи, што е на товар на буџетот. Не се плаќа ДДВ, ниту царински давачки при увоз на материјали, како и данок на промет, а бесплатен е и приклучокот за гасовод, за водоводна и канализациска мрежа. Според Законот, Владата учествува во трошоците за изградба на градежниот објект во зоната, максимум до 500 илјади евра, за инвестиција од над 15 милиони евра и со над 100 вработувања. Компаниите корисници на зоната имаат право на парична помош од државата од 25 до 50 отсто за покривање на трошоци за дополнително образование и усовршување на работниците, за обуки, како и за нивни патни трошоци до работното место.

И покрај многуте бенефиции и околу 20 странски компании кои функционираат во економските зони, сепак, Македонија заостанува зад земјите во регионот според висината на инвестициите. Најновите податоци од Виенскиот институт покажаа дека во минатата година, во споредба со 2014, во Македонија странските директни инвестиции паднале за 23 проценти, како и во Босна и Херцеговина, каде што е забележан минус од 41 процент. За разлика од нив, Србија има плус од 41 процент, Косово има дури 115 проценти повеќе директни инвестиции, а Црна Гора бележи зголемување од 68 проценти.

Според последните податоци од Народната банка на Македонија, во првите три месеци од годинава биле вложени 58,7 милиони евра странски директни инвестиции, што во однос на истиот период лани е намалување за 5,34 милиони евра, или за 8,3 проценти. Притоа, во март годинава имало 25,08 милиони евра инвестиции, во февруари 33,07, а во јануари биле вложени само 560 илјади евра.

Како главна причина за послабиот влез на странски инвестиции, според експертите, е пролонгирањето на политичката криза во земјава. Странските инвеститори во вакви услови не размислуваат за влез или за проширување на постојните капацитети.

Маја Томиќ 

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top