СВЕДОШТВА ЗА МАKЕДОНЦИ ШТО БАРААТ БУГАРСKИ ПАСОШИ Reviewed by Momizat on . За да добијам бугарски пасош, а со тоа и слободен влез во Европската Унија, освен тоа што се изјаснив дека се чувствувам како Бугарка, демек исто како и сите мо За да добијам бугарски пасош, а со тоа и слободен влез во Европската Унија, освен тоа што се изјаснив дека се чувствувам како Бугарка, демек исто како и сите мо Rating:

СВЕДОШТВА ЗА МАKЕДОНЦИ ШТО БАРААТ БУГАРСKИ ПАСОШИ

СВЕДОШТВА ЗА МАKЕДОНЦИ ШТО БАРААТ БУГАРСKИ ПАСОШИ

За да добијам бугарски пасош, а со тоа и слободен влез во Европската Унија, освен тоа што се изјаснив дека се чувствувам како Бугарка, демек исто како и сите мои, морам да доставам и документи со кои ќе го докажам моето бугарско потекло. Знам дека татко ми се родил во бугарско време и во раните детски години се школувал на бугарски јазик, па затоа се обидов да дојдам до негова крштеница или свидетелство, но не успеав. Оваа животна приказна за „Дневник“ ја раскажува една неготинка.

Истражувајќи на оваа тема, дојдовме до сознание дека навистина има луѓе кои во Архивот во Велес, сакаат да дојдат до информација, дали некои од нивните предци во минатото, на пример, учеле во бугарско училиште. Со тој доказ веруваат дека самите тие и нивните наследници полесно ќе дојдат до бугарски пасоши.

Интересно прашање, вели Слободан Ников, раководител на Државниот архив на Република Македонија во одделението во Велес.

– Ние се соочуваме со таа проблематика. Имаме документација и од бугарско и од српско, разни видови документации. Ова е многу чувствително прашање. Во минатото нашите дедовци и прадедовци со сила некој ги запишувал дека се Бугари, Срби, Грци итн. А сега таа документација некој сака да ја искористи и да ја злоупотреби за самиот од денешен аспект да каже „јас сум Бугарин, бидејќи дедо ми бил“, за само и само да добие пасош и поедноставен престој во ЕУ. А всушност дедо му не бил, туку некој го запишал како таков да биде – вели Николов.

Тој додава дека нема поголем грев од тоа сам да се откажеш од националното чувство.

– Има, има… се јавуваат такви луѓе, бараат документи. Јас не ја оправдувам таквата постапка. Меѓутоа ние имаме постапки за тие работи. Ние сме сепак државна институција од посебен интерес за државата. И затоа мораме да водиме сметка. Затоа нека одат во Бугарија, на пример во Пловдив, во тамошните архиви нека одат и нека најдат. Бугарите иделе, земале документи, имаат еден куп документи – кажа Ников.

На коментарите „да знаат нивните баби и дедовци што прават нивните внуци би се превртувале во гробот“, Ников кажа интересен случај од неговото искуство.

– Внук на партизан, кој се борел за време на Втората светска војна против бугарската окупација и е носител на Партизанска споменица, дојде да бара документи дека дедо му бил запишан некаде како Бугарин. Го прашав дали знае дека дедо му ако знае за ова, во гробот ќе се превртува? Имајќи предвид колку бил тепан и мачен од бугарските фашисти. Ти, му велам, зорле сакаш да бидеш Бугарин, а дедо ти, што не доживеал, па не сакал да потпише – раскажува Ников.

Неготинката од почетокот на приказнава ни кажа дека за да се добие бугарски пасош, понекогаш се потребни и околу илјада евра. Овде освен сумата за пасош влегуваат и трошоци за посредник, неколкукратни патувања, обезбедување и копирање на документи. Парите, рече, некако и ќе се обезбедат и ќе се прежалат, ама бугарските корени потешко е да се ископаат.

– Kолку што се сеќава татко ми, бугарското време во Македонија било некаде до неговото прво одделение. Не најдов документи со кои ќе докажам бугарско потекло. А ги барав на неколку места. Во некои од локалните институции ми рекоа дека голем дел од документацијата од минатото била уништена во големата поплава од минатиот век. Се обратив и во велешкиот архив, од каде што добив одговор дека таквите документи си ги однеле Бугарите. На други места ми препорачаа да побарам помош и во одделни и конкретни бугарски архиви – раскажува таа и побара анонимност.

Натаму, вели, напишала имејл, ама ~ рекле дека морам да оди таму лично.

– Луѓе отстрана ми рекоа, неофицијално, дека наводно таму треба да дадам мито, па ја баталив едно време мојата одисеја по бугарски пасош. Најново сега што слушнав е дека има посредници преку кои плаќаш одредена сума на име некаква членарина во поголема група и демек добиваш доказ за бугарски корени. Да бидам искрена, веќе почнав да се сомневам дека во целата таа постапка за обезбедување бугарски пасоши за македонските граѓани, како да е вклучена некаква мафија, а поединци дебело заработуваат од нашата желба да бидеме дел од толку посакуваната Европска Унија, европското семејство и Европа без граници – децидна беше таа.

Светлана Дарудова

 

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top