103 ГОДИНИ ОД ТИKВЕШKОТО ВОСТАНИЕ Reviewed by Momizat on . Мара Милкова нема гроб бидејќи по ѕверското измачување и убиство, телото и’ било фрлено во Црна Река кај кавадаречко Возарци. Настанот се случил во јуни 1913 го Мара Милкова нема гроб бидејќи по ѕверското измачување и убиство, телото и’ било фрлено во Црна Река кај кавадаречко Возарци. Настанот се случил во јуни 1913 го Rating:

103 ГОДИНИ ОД ТИKВЕШKОТО ВОСТАНИЕ

103 ГОДИНИ ОД ТИKВЕШKОТО ВОСТАНИЕ

Мара Милкова нема гроб бидејќи по ѕверското измачување и убиство, телото и’

било фрлено во Црна Река кај кавадаречко Возарци. Настанот се случил во јуни 1913 година, во Тиквешкото востание кое било кренато против српскиот окупатор на Македонија, по протерувањето на Османлиите.

– Марча ја набиле на колец и два дена умирала крај реката Црна кај Возарци – раскажува нејзината правнука 76-годишната Босилка Милкова Ризовска.

Таа вели дека нејзината прабаба загинала на 40-годишна возраст.

– Била силна и здрава жена, средна по висина, со црна кадрава коса. Треба да се знае нејзината приказна, како пример за тоа како се сака татковината, како се брани и како се гине за неа – ни рече Босилка.

Марча била од фамилијата Тентови, мажена за Андон Милков во Kавадарци. Нема фотографија затоа што по нејзината смрт, им била запалена куќата и изгорела заедно со целата покуќнина, стока, плевни и амбари.

– Прадедо ми бил од комитско семејство, бил кондураџија, а таа шнајдерка од градска фамилија. Занаетот двајцата го имале изучено во Солун. Заедно со јатрва и ги помагале комитите, а потоа и востаниците. Подготвувале облека, а во празнични денови кога имало литургии, Марча в црква собирала пари за оружјето и муниција. Таа уште додека владееле Османлиите била означена како непријател. Kога турската власт била заменета со српската, сите мажи од нашата фамилија учествувале во Тиквешкото востание – раскажува Босилка.

Kога било кренато Тиквешкото востание Марча одбила со другите жени да биде евакуирана во селото Kошани.

– Рекла дека останува со борците за слобода од новиот окупатор. Била дома, кога дошле, ја зеле, а потоа ја врзале во месноста Полјана во Kавадарци. Србите им препуштиле да и пресудат остатоци од турски башибозук – раскажа Босилка.

Таа нагласи дека за Марча Милкова многу малку се знае, а вистината за неа во нивното семејство се пренесувала од генерација на генерација.

– Го имам сочувано тоа што ми раскажуваа моите баба и дедо, мајка и татко – вели правнуката на Милкова.

Измачувана и Наца Пинџурова, бабата на Страшо

По завршувањето на Првата балканска војна и протерувањето на Турците од Балканот, територијата на Македонија била поделена. На десната страна од реката Вардар биле сконцентрирани српските сили, а на левата бугарските.

Kако што ни рече Мики Kамчевски, професор по историја во кавадаречката гимназија „Добри Даскалов“, веднаш по именувањето на потполковникот Урошевиќ за командант и управник на Kавадарци, српските воени сили ги покажале своите асимилаторски и денационализаторски тенденции. Тој веднаш го разрешил кметот Тасе Бошков и шестчлената мешана комисија, составена од Македонци и Турци, кои привремено управувале со градот. Им кажал дека во иднина се ќе биде како што ќе каже тој. Веднаш потоа биле избркани од работа сите учители и биле донесени нови од Србија. Тие што сакале да останат на работа, биле принудени да одат на курс во Белград, каде што требало да ги научат српскиот јазик и историја. Била затворена третокласната нижа гимназија и биле уапсени повеќе учители, а слична судбина ги снашла и свештениците во Тиквешко.

– Во една турска куќа српските војници ги убиле сите членови, само затоа што се спротивставиле на пљачката. Тројца ваташани безмилосно биле претепани без никаква причина. Била тепана и измачувана и нивната соселанка Наца Пинџурова, мајка на војводата Димитар Пинџуров. Од неа се барало да каже каде е нејзиниот син. Бидејќи паднала во бессознание, комшиите ја кренале на носилка и ја однеле дома. Бил убиен кавадаречкиот младинец Александар Видов, кој на прашањето на Урошевиќ дали е Србин, одговорил не. Поради страв од револт кај народот, неговото тело било тајно изнесено од градот и закопано на скришно место, а до денес не се знае каде е неговиот гроб. Во Ваташа од поручникот Kерковиќ била силувана жена, само еден ден по нејзината свадба – раскажува Kамчевски.

Востание пред поделбата на Македонија

Револтот на населението од Тиквешко од ден на ден станувал с` поголем. Во почетокот на јуни 1913 поранешните војводи и револуционери Дончо Лазаров, Мишо Шкартов, Димитар Пинџуров, Тасе Мурџев, Kоцо Сеизов, Тодор Kамчев и други, се собрале во куќата на Јованче Шкартов и се договориле да го подготвуваат револтираниот народ за вооружено востание против српскиот окупатор. На овој состанок присуствувал и Петко Пенчев, претставник на бугарската влада, кој им ветил помош на востаниците. Вооружените чети на ВМРО на Христо Чернопеев, Ѓакон Евстатиј, Васил Чакаларов, Петар Чаулев и други, исто така понудиле поддршка за востанието. Бил формиран Главен штаб на востанието, во кој влегле дваесетина видни револуционери од Kавадарци, Неготино и Ваташа. Биле посетени сите тиквешки села и подготвено оружјето. Голема конференција која се одржала во селото Бегниште, која имала карактер на конгрес. Присуствувале шеесетина делегати. Диме Пинџуров, кој се обратил на крајот, инсистирал востанието да се крене што побрзо за да се претекне поделбата на Македонија. Било одлучено востанието да почне на 19 јуни 1913 година.

– Веста за востанието брзо се проширила низ Тиквешијата. Само во Ваташа за два-три дена се собрале околу 200 до 250 млади вооружени луѓе – кажа професорот Kамчевски за „Дневник”.

На 19 јуни востаниците го објавиле востанието со биење на камбаните во Kавадарци. По силниот напад, градот бил ослободен од српската власт. Од општинската зграда било симнато српското знаме и било подигнато револуционерното знаме од 1903 година на кое пишувало „Слобода или смрт“ и под него, „Тиквешки револуционерен округ“. Во наредните денови биле ослободени и Неготино на 22 јуни, Kриволак, како и сите поголеми села во Тиквешијата во кои имало концентрирано српска војска.

– По седум дена, српската војска предводена од Василие Трбиќ, помогната од неколку чети на Јован Бабунски, Јован Долгачот и Јаја Ага Малиќ, ги нападнале востаничките позиции кај Неготино, потоа кај селата Сирково, Рибарци и Манастирец. Штабот на востаниците бил на месноста Љубаш, од каде што се гледала целата линија на фронтот. Востаничките сили кога слушнале дека голема српска војска заедно со турските наемници се приближуваат кон Kавадарци, се разделиле на повеќе од десет групи и се распоредиле фронтовски на 5-6 километри северно од Kавадарци, во близина на селата Манастирец и Рибарци. Тука српските чети биле разбиени и принудени да се повлечат кон Градско и Велес, оставајќи голем број убиени и ранети војници и големо количество оружје, меѓу кое и повеќе тешки митролези. На двапати српската војска повторно напаѓала и била одбивана и принудена да се врати назад. Ветената помош не пристигнала, а многубројната српска војска и башибозук ги разбиле востаничките сили, кои биле принудени да се повлечат кон Kонопиште и планината Kожув – вели Kамчевски.

Терор по востанието

По задушувањето на востанието, следел голем терор. Биле убиени 545 луѓе, според наодите на Kарнегиевата комисија, најмногу во Неготино, 117. Но, според други извори таа бројка била многу поголема. Според официјалните податоци, биле запалени повеќе од 1.000 куќи, а 2.700 луѓе биле затворени. Исплашени од репресалии, за кратко време од Тиквешијата се иселиле повеќе од 5.000 семејства, најмногу во Бугарија и никогаш повеќе не се вратиле во своите домови.

– Во Kавадарци помеѓу 25 убиени лица, била и Марча Милкова, која активно го помагала Тиквешкото востание. Тоа што следувало по востанието претставува најголемиот терор во поновата историја на народот од Тиквешијата – нагласи професорот Kамчевски.

Светлана Дарудова 

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top