АЛЕКСАНДРА ЈАНЕВА ПОБЕДНИК НА МАКФЕСТ 2016 Reviewed by Momizat on . Триесет и првото издание на „Макфест“ заврши со победата на Александра Јанева, која по вторпат е носител на ловорики на штипскиот фестивал на забавни мелодии. М Триесет и првото издание на „Макфест“ заврши со победата на Александра Јанева, која по вторпат е носител на ловорики на штипскиот фестивал на забавни мелодии. М Rating:

АЛЕКСАНДРА ЈАНЕВА ПОБЕДНИК НА МАКФЕСТ 2016

АЛЕКСАНДРА ЈАНЕВА ПОБЕДНИК НА МАКФЕСТ 2016

Триесет и првото издание на „Макфест“ заврши со победата на Александра Јанева, која по вторпат е носител на ловорики на штипскиот фестивал на забавни мелодии. Младата струмичанка, инаку стоматолог по професија, ја изведе композицијата „За сто години“ на авторите Ристо Самарџиев и Владимир Дојчиновски (со нив ќе ја дели паричната награда од 10.000 евра), а нејзината вокална изведба беше заслужна и за трофејот наречен – најдобра интерпретација – „Драган Каранфиловски-Бојс“.

Уште една дама поврзана со медицина, Симона Попоска е носител на две награди- второто место и награда за сценски настап за песната „Ќе најдам друг“, со актуелниот финансиски надомест од 8.500 евра.

Петнаесетгодишната Антонија Гиговска, на гледачите позната како учесничка на шоуто „Пинкови ѕвездички“, со песната „За нас“ на Кире Костов и Миодраг Врчаковски, ги освои симпатиите и на публиката и на жирито, што и’ овозможи трета позиција (5.000 евра) и наградата за најуспешен дебитант насловена како „Душан Љубисавлевиќ-Дуле“ (1.000).

Во однос на наградите ќе ја спомнеме и најслушана композиција меѓу двата фестивала „Срце да се отвори“ со Зуица Лазова и Јоце Панов, а добитникот на наградата „Драган Ѓаконовски-Шпато“ за најдобро аранжманско решение е Дамер Имери.

Не можеме да го прескокнеме фактот дека овогодишното издание на „Макфест“ понуди музичко освежување, и по неколку сушни години, слушнавме, а богами и видовме интересни кореографии и добри композиции. Дел од комплиментите одат на адресата на ревискиот оркестар на МРТВ, што беше предизвик за доминантните млади, малку афирмирани имиња, кои во својот багаж го имаат собрано учеството во разновидни талент-шоуа. Како по теркот на годинешната „Евровизија“ остана констатацијата дека на младите светот останува, а малкумина изведувачи, веќе докажани имиња, своето учество на фестивалот го имаа поради фактот наречен – носталгија.

Уметничкиот директор Љупчо Мирковски, што истата функцијата ја имаше во периодот од 1991 до 1993 година, им овозможи и на гостите од странство да се натпреваруваат рамноправно со домашните пејачи, а годинава мала промена на фестивалот беше и бодувањето, односно неговата слоевитост со гласовите од телевоутингот, жирито и гласовите од самите изведувачи.

Како и да е, забележлива е нова, позитивна енергија, што ќе ја продолжи приказната за „Макфест“, важен сегмент и во македонската забавна музика, но и заштитен знак на градот под Исарот.

Александра Јанева, пејачка

Што да се каже по победа?! Се вратив на „Макфест“ поради песната, текстот ме допре толку многу што и публиката го почувствува, па ме наградуваше со големи аплаузи. Сите што биле и се на сцена, знаат дека најголема радост е кога ќе видиш како публиката реагира, а јас кога пеам велат, се претворам во ламја, толку ме носат емоциите. Инаку, со деби-песната „Врати ми го сонцето“ во 2013 кога имав 18 години ја освоив публиката во Штип. Во меѓувреме многу работев на себе, се справував со трема, вежбав и ете – ми се повтори приказната.

Ристо Самарџиев, композитор

Навистина не очекував таква бурна реакција од публиката во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Бидејќи е балада мислев дека аплаузот ќе биде на крај, а не дека осум пати во текот на изведбата ќе се слушнат овации. Александра беше фантастична, со толку многу искреност и’ пријде на „За сто години“, што ме прави многу среќен. Инаку, ова е мојата седма победа и како автор и како изведувач, и навистина има многу симболика во овој број – сите најважни дати во животот се врзани за бројот седум. Текстот го напишав во еден здив, бев и останав навлечен на романтични теми… Инаку, паричната награда ќе ја искористам за нови песни.

Антонија Гиговска, пејачка

Пресреќна сум и со моето учество и со наградата. Го почнувам патот во музиката, она што најмногу го сакам, и се надевам дека наградите ќе ми се множат. „За нас“ е песна што веднаш ме освои, ја почувствував без оглед на мојата возраст и сигурна сум, ќе биде голем хит, иако е балада.

Кире Костов, композитор

По 20 години пауза, учествувам како автор на „Макфест“, и многу сум задоволен од начинот на кој Антонија ја изведе песната. Ги фати сите високи тонови и имаше многу емоција во нејзината интерпретација. Девојчето допрва ќе покаже што и како може.

Симона Поповска, пејачка

Се разбира, не можам да ја скријам радоста поради освоените награди, а поради поддршката и неверојатна сила со која ме крепеше овој период, сакам да и’ ги посветам на мајка ми. Инаку, настапив на „Макфест“ поради желбата да внесам нешто ново, да се види дека покрај пеењето може и да се игра и сето тоа да изгледа модерно и современо. Се разбира, имав голема помош и од центарот за модерни и спортски танци „Прима данса“.

Валентина Тодоровска

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top