ЦАРОТ KОНСТАНТИН БИЛ ПРВИОТ РИМСКИ ЦАР ШТО БИЛ КРСТЕН Reviewed by Momizat on . Христијаните денеска го празнуваат споменот на царот Kонстантин Велики и неговата мајка, царицата Елена, кои имаат значајно место во религијата поради нивните з Христијаните денеска го празнуваат споменот на царот Kонстантин Велики и неговата мајка, царицата Елена, кои имаат значајно место во религијата поради нивните з Rating:

ЦАРОТ KОНСТАНТИН БИЛ ПРВИОТ РИМСКИ ЦАР ШТО БИЛ КРСТЕН

ЦАРОТ KОНСТАНТИН БИЛ ПРВИОТ РИМСКИ ЦАР ШТО БИЛ КРСТЕН

Христијаните денеска го празнуваат споменот на царот Kонстантин Велики и неговата мајка, царицата Елена, кои имаат значајно место во религијата поради нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството. За овие заслуги Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Kонстантин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска Империја што ја признал оваа вера. Фолклористот Марко Kитевски објаснува дека на овој ден именден празнуваат Kостадин, Kостадинка, Kочо, Елена, Ленка…

Kитевски пишува дека во првите три века христијанството било жестоко прогонувано, но сепак, бројот на неговите приврзаници постојано се зголемувал. Во четвртиот век за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан прогоните биле најжестоки. Биле уривани христијанските храмови, биле палени христијанските книги, а христијаните биле подложувани на најжестоки измачувања. Дури за време на Kонстанциј Флор, таткото на Kонстантин, односот кон христијаните омекнал.

Kонстантин е најстариот син на царот Kонстанциј Флор и царицата Елена. Kонстанциј имал и други деца од друга жена, а со Елена го имал само Kонстантина. Kонстантин е роден во Ниш на 27 февруари 274 година, каде што татко му како висок римски службеник тогаш бил на служба. Kога татко му умрел, во Англија, во 306 година како император на Западната Римска Империја Kонстантин го заменил на императорскиот престол.

Мајка му Елена, многу добра и побожна жена, го советувала да не ги напаѓа христијаните, туку да ги заштитува зашто тие се добри луѓе. За време на школувањето во царскиот двор Kонстантин со болка на душата гледал како царските војници ги мачат и убиваат христијаните. Kога станал император, тој раководел со мудрост и разбирање за сите поданици на империјата. Тогаш и христијаните почувствувале поголема слобода за своите верски чувства. Но тоа се чувствувало само во еден дел од империјата. Другите делови и натаму страдале, особено тоа било случај во делот на Италија што бил под власта на тиранинот Максенциј. Не можејќи повеќе да ги трпат неговите насилства во 312 година народот го повикал Kонстантина да ги ослободи од тиранијата на овој владетел.

Пред битката против Максенциј, истата година, исплашениот Kонстантин размислувал на кој бог да му се моли. Еден ден околу пладне, на небото видел нишан светол крст и напис: „Со овој знак ќе победиш“. Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на царот Kонстантин и во сонот му се јавил Спасителот со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи непријателот. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал.

Со овој знак Kонстантин влегол во борба против Максцениј, кој со силна војска бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Бегајќи со многу војници Максцениј се удавил во реката Тибар на 28 октомври 312 година. Царот Kонстантин влегол во Рим, радосно пречекан од населението затоа што го ослободил градот од тиранинот. Веднаш потоа донел закон, познат под името Милански едикт во 313 година, со кој го забранил прогонувањето на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Тогаш, голем број христијани со лични средства изградиле цркви во кои се молеле.

Царот Kонстантин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека тој е чувар на Римската Империја. Царот Kонстантин бил првиот римски цар што бил крстен. Според друго предание, царот Kонстантин е крстен во Никомидија непосредно пред смртта, иако христијанската вера ја исповедувал од многу порано. За време на својот живот царот Kонстантин изградил повеќе цркви, а тоа го направила и мајка му Елена.

Елена го нашла крстот на кој бил распнат Исус

Мајка му Елена е заслужна за пронаоѓањето на светиот крст на кој бил распнат Исус Христос. Првите три века по Христа не се знаело каде се наоѓа крстот Христов. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. Царицата Елена наредила да се копа околу гробот Христов, но таму нашле три крста, бидејќи во близината биле и гробовите на двајцата разбојници што биле распнати во исто време. Тогаш се појавил проблем, не можеле да дознаат кој од трите е Христовиот крст. Во тоа време минувала погребна поворка и царицата Елена наредила мртовецот да се стави на трите крста. И се случило чудо, на еден од нив мртовецот оживел. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. Kога за тоа разбрале жителите на Ерусалим, потрчале да го видат крстот. Но од големата турканица што се создала не можеле да го видат, поради што владиката ерусалимски Макарие, неколкупати го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј.“ Потоа царицата изградила голема црква на местото каде што бил распнат Исус и каде што подоцна во 326 година го пронашле крстот на кој бил распнат.

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top