ОПАЃА ТРГОВИЈАТА СО СОСЕДИТЕ Reviewed by Momizat on . Драстично се намалува трговската размена меѓу Македонија и соседните земји. Ако пред десетина години во вкупната трговија што ја имаме со светот, размената со д Драстично се намалува трговската размена меѓу Македонија и соседните земји. Ако пред десетина години во вкупната трговија што ја имаме со светот, размената со д Rating:

ОПАЃА ТРГОВИЈАТА СО СОСЕДИТЕ

ОПАЃА ТРГОВИЈАТА СО СОСЕДИТЕ

Драстично се намалува трговската размена меѓу Македонија и соседните земји. Ако пред десетина години во вкупната трговија што ја имаме со светот, размената со државите на ЦЕФТА зафаќаше околу 40 проценти, во последните две години таа се сведе само на 11 отсто. Тоа, според Стопанската комора на Македонија, укажува на фактот дека се’ уште постојат голем број бариери за полесен проток на стоки и услуги кои треба да се отстранат, а за кои претставниците на бизнисот во земјите потписнички на ЦЕФТА-договорот редовно алармираат.

А еден од клучните проблеми кој подолго време се посочува е меѓусебното непризнавање на ветеринарните, фитосанитарните и другите видови сертификати, што се неопходни за размена на земјоделско-прехранбените производи.

Македонија е потписничка на ЦЕФТА-договорот од 2006 година, а како резултат на овој договор почна да расте размената со членките (Албанија, БиХ, Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово и Молдавија). Таа, во вкупната трговска размена на Македонија со странство, зафаќаше 35,7 отсто во 2007 година, а 35,5 отсто во 2008 година. Но, овој тренд не се задржа и падна на 20,7 отсто во 2009 година, а од 2010 размената со ЦЕФТА се намалува во континуитет, за во последните две години да достигне околу 11 отсто во вкупната трговија, информираат од Стопанската комора на Македонија.

„За намалувањето на разните трговски бариери досега се одржаа пет рунди преговори меѓу земјите на ЦЕФТА, а приоритетот за оваа година е натамошната либерализација на трговијата со услуги, олеснување на трговијата, на инвестициите и движењето на професионална и квалификувана работна сила во рамки на регионот. Посебен акцент ќе биде ставен на подобрување на дијалогот меѓу приватниот и јавниот сектор, преку поголема вклученост на бизнисот во ЦЕФТА-структурите. Со конкретен предлог, коморите во соработка со ЦЕФТА- секретаријатот ќе излезат за време на одржување на ЦЕФТА неделата, во месец ноември оваа година“, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.

А трговијата со ЦЕФТА-земјите во најголем дел е со земјоделско-прехранбени производи, производи од црна и обоена металургија, лекови и градежни материјали. Вкупната размена во десетгодишниот период изнесува 16,1 милијарда долари, од кои половината отпаѓаат на размената меѓу Македонија и Србија. Во целиот десетгодишен период Македонија има остварено трговски суфицит од 2,8 милијарди долари, што во најголема мера се должи на суфицитот со Косово, кој учествува со 77,5 отсто во вкупниот суфицит со земјите од ЦЕФТА-регионот. Освен со Косово, Македонија бележи континуиран суфицит во размената со Албанија, БиХ и Црна Гора.

„До крајот на 2011 година Македонија регистрираше континуиран раст на извозот во Косово, кој во последните 4 години почна полека да се топи и лани достигна 187 милиони долари. Секако, не можеме да бидеме задоволни од ваквиот обем на размена и соработка на ниво на регион. Иако, сите земји потписнички не се на ист степен на економски развој, треба уште многу да се работи на подобрување на трговската соработка. Се’ уште постојат голем број бариери во трговијата кои треба да се отстранат, а за кои компаниите од сите земји редовно информираат и алармираат“, вели Пеева-Ѓуриќ.

И натаму, според неа, актуелно е размислувањето за продлабочување на индустриската размена и за позасилена регионална соработка во делот на металопреработувачкиот сектор, хемиската, дрвната индустрија, градежништвото, прехранбената индустрија, што е можно преку здружувањето на компаниите во регионот. Друг исто така важен сегмент на кој треба да се работи е заедничко учество на меѓународни тендери, со цел поголемо искористување на достапните средства од ЕУ, реализација на потенцијални развојни проекти, обука на кадри за следење на новите технологии и слично.

Инаку, Македонија десет години е потписничка на ЦЕФТА-договорот кој претставува единствен договор за слободна трговија кој ги поврзува сите земји на Западен Балкан и Молдавија. Со него, всушност, се заменија 31 билатерални договори меѓу ЦЕФТА и државите потписнички. Освен со ЦЕФТА-земјите, Македонија има склучено и договори за слободна трговија со ЕУ и ЕФТА-земјите, Турција, Украина.

Македонија најмногу извезува овошје, а увезува месо

Извозот на прехранбени производи во првите три месеци годинава е поголем за 10 милиони евра. Ова го покажуваат податоците на Народната банка, според кои во првиот квартал годинава извозот на храна достигна 66,3 милиони евра и е за 17,7 отсто повеќе споредено со истиот период лани.

Според податоците за трговската размена за 11,6 милиони евра или за 60 отсто е зголемен извозот на овошје и зеленчук на вкупно 32,2 милиони евра, а за 300 илјади евра е зголемен извозот на жита и преработки од жита на вкупно 14,7 милиони евра. Во првиот квартал годинава пак месната индустрија извезла месо и месни преработки во вредност од 8,5 милиони евра. Според поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, ефектите од агресивната политика во земјоделството на Владата даваат позитивни резултати, во прв ред зголемување на приносите и квалитетот на прехранбени производи, а со тоа и зголемување на извозот на храна.

Намалување на извозот има кај млечните производи и јајцата и тоа за речиси 50 отсто на вкупно 1,7 милиони евра.

Во исто време расте и увозот на прехранбени производи. Во првиот квартал е увезена храна во вредност од 126 милиони евра што е зголемување за 6,4 милиони евра. Увозот на жита и преработки од жита е поголем за 3 милиони евра на вкупно 19,7 милиони евра, а увозот на овошје и зеленчук е поголем за 1,3 милиони евра на 22,4 милиони евра. Од прехранбени производи вредносно гледано најмногу увезуваме месо и месни преработки при што во овој период во земјата се увезени во вредност од 24,6 милиони евра.

Маја Томиќ

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top