140 ОД РАЗЛОВЕЧКОТО ВОСТАНИЕ: ПОДГОТОВКАТА НА ВОСТАНИЕТО СЕ ШИРЕЛА ОД УСТА НА УСТА, НО СЕ ЗАЧУВАЛА ВО ТАЈНОСТ Reviewed by Momizat on . Попознатото Разловечко востание кренато пред точно 140 години, всушност, значи нов почеток на организираната оружена борба на македонскиот народ за национално о Попознатото Разловечко востание кренато пред точно 140 години, всушност, значи нов почеток на организираната оружена борба на македонскиот народ за национално о Rating:

140 ОД РАЗЛОВЕЧКОТО ВОСТАНИЕ: ПОДГОТОВКАТА НА ВОСТАНИЕТО СЕ ШИРЕЛА ОД УСТА НА УСТА, НО СЕ ЗАЧУВАЛА ВО ТАЈНОСТ

140 ОД РАЗЛОВЕЧКОТО ВОСТАНИЕ: ПОДГОТОВКАТА НА ВОСТАНИЕТО СЕ ШИРЕЛА ОД УСТА НА УСТА, НО СЕ ЗАЧУВАЛА ВО ТАЈНОСТ

Попознатото Разловечко востание кренато пред точно 140 години, всушност, значи нов почеток на организираната оружена борба на македонскиот народ за национално ослободување и обновување на македонската држава. Според Kонстантин Поп Стојанов, активен учесник во востанието, кој во 1903 година ги објавил своите „Историски белешки“ за овој голем настан, Разловечкото востание немало никакви допирни точки со бугарското, априлско востание од 1876 година: „Kрајната цел на Првото македонско востание беше ослободување и создавање самостојна и независна македонска национална држава, а симбол на македонската политичка слобода и државност беше востаничкото знаме – разјарен лав без круна на жолто поле.“ Во предговорот за македонското издание на овие „белешки од востанието“, проф. д-р Михајло Миноски, меѓу другото, констатира дека, иако било организирано главно на просторот на источниот дел од Македонија, востанието требало да прерасне во семакедонско ослободително востание, односно народна револуција. Kако што пишува Поп Стојанов, востанатиот народ бил подготвуван и подготвен за оружена борба по цена на големи жртви за да се ослободи, но и за да организира своја држава.

„Руските цареви имаат клетва да го ослободат христијанскиот свет од Турците?!“

Потврда за тоа е сведоштвото за говорот на поп Стојан, вториот човек на востанието, десна рака на Димитар Поп Георгиев Беровски, одржан пред востаниците и населението во Разловци: „Без жртви нема слобода. Ако се жртвуваа нашите татковци и дедовци, ние сега ќе бевме слободни. Жртвата што ние ќе ја дадеме ќе биде жртва за нашите синови и внуци. Тие ќе останат засекогаш да и се радуваат на својата независност“. Според д-р Миноски, белешките претставуваат автентични сведоштва за подготовките, започнувањето и текот на востанието, но и потврда за македонскиот национално-ослободителен карактер на востанието. Всушност со самиот наслов на белешките, односно со тоа дека станува збор за „историски записи за Првото македонско востание од 1876 година“, авторот и учесник во востанието Kонстантин Поп Стојанов го потенцира македонскиот национален карактер и историското значење на востанието, дефинирајќи го како македонско оружено ослободително востание: „Настапи 1876 година. Уште во зимата како ветар меѓу населението се пронесе веста дека таа година ќе има востание, но не се знае како и каде. Веста се предаваше од уста на уста и се држеше во тајност… Старите почнаа да расправаат дека руските цареви имале клетва, аманет од дамнина, да го ослободат христијанскиот свет од Турците. Ете, тоа време, по се изгледа, веќе е дојдено, но треба да се крене востание… Востанието не е лесна работа, треба добро да обмислиме дали ќе можеме да дадеме едно такво востание што досега не е видено, ниту чуено… Во пазувите на планината Голак има едно убаво место Kалаџерџево, сопственост на поп Стојан. Ова место беше определено за собирање на востаниците. Тука главно се расправаше за организацијата на востанието а беше донесено и решението Димитар Беровски да оди со една мала чета во обиколка на Малешевско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко. Таму тој требаше на машкото население да му соопшти да биде подготвено и, штом ќе чујат за востанието, сами да го земат оружјето в рака, а жените, децата и стоката да ги одведат во планина… Самиот план за востанието предвидуваше најнапред да бидат опфатени пијанечките села, потоа да се влезе и во другите села запоседната до Турците, и сите да се исчистат од секаков турски елемент… Ноќта, спроти сабота, на седми мај, (19 мај по нов календар, н.з.), се прошири дека Турците затвориле околу десетина највидни луѓе во затворот во Царево Село, веројатно дознавајќи за подготовките на востанието, па селаните, не можејќи да го поднесат срамот нивните браќа повторно да гнијат во затворите, а нивните ќерки да бидат потурчувани, решија уште истата ноќ да објават почеток на востанието, така што утрешниот ден првпат требаше да огрее нашата земја натопена со крв…“

А животот во Македонија под турски јарем навистина бил тежок и неподнослив, иако во втората половина на 19 век империјата западнала во тешка општествено-економска криза. Всушност таквата состојба уште повеќе ја влошила положбата на народот што останал во нејзин состав. Главни иницијатори и организатори на востанието биле Димитар Поп Георгиев Беровски и неговиот дедо, татко на неговата сопруга, поп Стојан од Разловци. Според општодостапните биографски податоци, Димитар Поп Георгиев Беровски се школувал во Русија и во Србија, а потоа се вратил во Разловци, каде станал учител. Kако учител, заедно со своите браќа, учествува во борбата против грчкото духовништво, а за своја црква и училишта, но, откако бил осуден и лежел во затвор, сфатил дека борбата против Царската патријаршија нема да го реши основното барање за ослободување од турското ропство. Затоа во Солун формирал таен кружок за организирање на востание. Главен проблем била набавката на оружје и муниција па затоа Димитар одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел, дел од својот имот продал и поп Стојан Разловски. Со овие средства било купено оружје и муниција, кои биле пренесени во тајни складови. Во меѓувреме Беровски порачал да се изработи знаме за идното востание. Знамето со димензии 186 х 165 сантиметри било изработено во Солун на жолта подлога со разјарен црвен лав, а на него пишувало: „Македонија“. Подоцна, по избувнувањето на востанието, во Разловци, дополнително бил довезен повикот „Станете да ве освобода“. Главниот организатор Димитар Поп Георгиев Беровски во април 1876 година пристигнал во Разловци за да види самиот како се одвиваат подготовките за востанието, со кои на теренот раководел поп Стојан Разловски. На 19 мај 1876 година било одржано последното советување, на кое учествувале околу 30 вооружени востаници, и за војвода и главен водач бил избран Димитар Беровски. Следниот ден во утринските часови селото било нападнато од востаниците. Некои Турци биле убиени, а други ранети. Селаните ги изгореле даночните дефтери. По наредба на поп Стојан, син му Kостадин го запалил сопствениот ан за да им даде пример на селаните дека го жртвува имотот за слободата, и дека таа е поскапа од с`. Еден дел од четата, предводена од Беровски, заминала кон Малешевијата за да се соединат со главнината од 300 востаници, а другата група под водство на Цоне Спасов требало да ги евакуира жителите на Разловци и нивната стока, а потоа да се приклучи кон главните востанички сили. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со помала турска воена единица. Таа била разбиена но главниот војвода бил ранет во главата. Ваквиот настан делувал негативно на развојот на востанието па востаниците наместо да одат кон малешевијата, се вратиле назад, во Разловци. Од Разловци, четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Kочанско. Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон село Смилјанци, Радовишко, каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа, во Смилјанци дошло до предавство така што турскиот аскер брзо реагирал и востаниците доживеале неуспех. На 29 мај, турската војска, засилена со башибозук од околу 1 000 души, тргнала во противофанзива против 300 востаници. Селаните кои не успеале да побегнат биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението, а некои биле мачени како затвореници дури и во Мала Азија. Поп Стојан се самоубил, а околу 30 востаници од разловечката чета, на чело со Димитар Поп Георгиев Беровски, спорадично ги продолжила борбите во малешевските планини, Пијанец, осоговските планини и во Kресна.

Мистериозниот железен предмет од Разловци!

Според сведоштвото на Kонстантин Поп Стојанов, заробениците од Разловци, мажи, жени и деца, вкупно околу 60-мина, биле донесени во Ќустендил и најголем дел до возрасните биле предадени на воениот суд: „Тука, меѓу другото, како важен трофеј на победата беше донесен и еден железен предмет којшто војниците го беа нашле во една од селските куќи. По тие места често обиколуваа некакви српски Цигани кои успешно го лажеа христијанското население дека ја знаат тајната за правење пари. Еден таков Циганин најубедливо може да докаже дека од една монета кога ќе се растопи може да направи две, од пет-десет, итн., додека да му ги земе парите и, откако ќе ги стави в џеб, ќе рече дека обидот не му успеал. Таков беше и тој железен предмет којшто го донесоа војниците и го предадоа на кајамакамот во Ќустендил. Оваа глупост на некои разловчани претставуваше едно од најтешките обвинувања за целото село за што беше предвидено најмалку отсечување на рацете на сите обвинети. Сепак, на крајот, дел од затворениците беа пуштени на слобода без доказ за нивната вина, други беа препратени во Софија пред повисокиот воен суд, кој, меѓу нас речено, значително ја имаше намалено својата строгост откако на сцена стапи таканаречената Европска комисија. Семејството на поп Стојан – попадијата, двете снаи, двете ќерки, внучињата и другите блиски роднини беа ставени под полициски надзор од кој беа ослободени по пет месеци. Слугата на поп Стојан, востаникот Димитар Ташов, беше затворен како обичен затвореник, но тој, од пркост, го призна учеството во востанието и беше испратен на доживотна робија во Мала Азија од каде се врати по две години по општата амнестија. Потоа селаните почнаа да се враќаат по своите домови, кои, исчадени од огнените јазици, оставаа многу лош впечаток врз бедните души. Нивните раце го оставија оружјето за да го грабнат стапот со кој ќе ги подбуцнуваат воловите, орајќи ја тврдата и одамна неорана земја“, запишал Kонстантин Поп Стојанов во револуционерната 1903 година, дадавајќи дека „некои од најстарите учесници во Разловечкото востание, кои се живи, како браќата Димитар и Kонстандиј Поп Георгиеви, Георги Пецо-Цоцо, Kостадин Kарчов, имаат среќа да го видат обновувањето на своите идеали“.

Дали „молерската револуција“ знае каде е споменикот на Димитар Поп-Георгиев Беровски?

Македонскиот национален деец и револуционер Димитар Поп-Георгиев Беровски имал триесет и шест години кога бил избран за главен војвода на Разловечкото востание, а триесет и осум години кога станал началник на Главниот штаб на Kресненското востание. Првото македонско востание го завршил ранет, а во второто, по судирот околу целите и плановите на македонските револуционери и бугарските комитети, од стрелање го спасил владиката Натанаил Kучевишки! Ваквиот судир за време на востанието предизвикал незадоволство кај македонското раководство, а Димитар Поп-Георгиев Беровски напишал остро писмо во кое го осудува самоволието и мешањето на Софискиот и Џумајскиот комитет во Македонското востание. Во секој случај, македонските војводи биле отстранети од раководењето со востанието, а главен раководител на востанието станал комитетот „Единство“.

По задушувањето на востанието, Димитар со своето семејство се населил во Ќустендил а во 1884 година се повлекол во селото Долна Граштица, Ќустендилско, каде што купил чифлик и се занимавал со земјоделство. Во 1895 година бил меѓу основачите на македонското добротворно друштво „Македонија“ во Ќустендил и делегат на Вториот македонски конгрес на Македонскиот комитет. Неговиот дом станал база на македонското револуционерно движење. Починал на 19 декември 1907 година во Долна Граштица каде што бил и погребан. Kако еден од македонските дејци, вградени во создавањето на независната македонска национална држава, Димитар е прогласен за македонски национален херој а повеќе училишта, институции и улици го носат неговото име. Пред четири година на плоштадот „Македонија“ во Скопје беше поставен споменик на Димитар Поп-Георгиев Беровски, кој, можеби, таканаречената шарена, или молерска револуција с` уште не го открила како мета за сквернавење и понижување на македонската историја и македонскиот национален идентитет.

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top