140 ГОДИНИ ОД РАЗЛОВЕЧKОТО ВОСТАНИЕ Reviewed by Momizat on . И 140 години по востанието, во востаничкото Разловци како с` уште да се чувствува неговиот мирис, мирисот на историјата, на која потсетува речиси секое катче во И 140 години по востанието, во востаничкото Разловци како с` уште да се чувствува неговиот мирис, мирисот на историјата, на која потсетува речиси секое катче во Rating:

140 ГОДИНИ ОД РАЗЛОВЕЧKОТО ВОСТАНИЕ

140 ГОДИНИ ОД РАЗЛОВЕЧKОТО ВОСТАНИЕ

И 140 години по востанието, во востаничкото Разловци како с` уште да се чувствува неговиот мирис, мирисот на историјата, на која потсетува речиси секое катче во бунтовното село на границата меѓу Малеш и Пијанец. Околу една третина од куќите во селото се изградени пред Разловечкото востание. Во некои с` уште се живее, други се празни, со иселени сопственици и катанци на вратите, трети се распаѓаат од забот на времето.

С` уште се овде и куќите во кои живееле повеќето од водачите на Разловечкото востание, важен настан од македонската историја и прво покрупно востание на македонскиот народ кренато, организирано и материјално помогнато единствено со сопствени сили, кое ги најавило и идните востанија и битки за ослободување и создавање сопствена македонска држава. С` уште жителите на селото се молат во црквата „Св. цар Kонстантин и царица Елена“, изградена во 1850 година, во која се ковеле и плановите за востанието. Од тоа време се останати и повеќе чешми, кладенци, како и големиот бунар сретсело, кој долго и пред востанието бил собиралиште на селаните, а невестите овде го практикувале стариот свадбен обичај одење по вода…

Со цел да дознаеме нешто повеќе деновиве направивме обиколка на селото во друштво со Ванчо Спасевски, наставник од Разловци, одговорен за одржување на Спомен-домот на Разловечкото востание, изграден пред три и пол децении, Љупчо Петровски, директор на Центарот за култура во Делчево, и со свештеникот Атанас Поповски, архијерејски намесник на делчевското архијерејско намесништво на Брегалничката епархија на МПЦ-ОА. Двајца од нив се и од семејните лози на главните организатори на востанието. Поп Атанас е правнук на поп Стојан Разловски, а Ванчо Спасевски е правнук на Цоне Спасев, најблискиот пријател, соборец и војвода на чета во востанието.

Востаничкото знаме нарачано од Солун

Обиколката ја почнавме од куќата на легендарниот поп Стојан (1800-1876), кој, иако во 76. година од животот, бил главен организатор на востанието, веројатно го истрелал и првиот востанички куршум, неговите први соборци главно биле негови роднини, а водач на востанието бил зетот за најмалата ќерка, Марија, веќе искусниот револуционер Димитар Поп-Георгиев Беровски (1840-1907). Во таа куќа, сега сопственост на семејството на отец Атанас Поповски, но во неа не живее никој, поп Стојан се родил и живеел во младоста, а подоцна, кога неговиот помлад брат се оженил, поп Стојан Разловски изградил друга.

Во непосредна близина до родната куќа на поп Стојан е и куќата на Стоил Ѓоргов. Таа, градена во стар македонски стил од малешевско-пијанечкиот крај, во тоа време ѕидани со плет и кал, е во распаѓање бидејќи никој одамна не живее во неа, но с` уште стојат и приземјето и катот. Kуќата на Цоне Спасев, првиот соработник на поп Стојан, била урната одамна, а стојат куќите на уште двајца востанички првенци, на Ѓорѓи Терзиски, и кај селските гробишта, на ковачот Стоил Kовачки, со чиј голем клуч с` уште се отклучува и заклучува црквата „Св. Цар Kонстантин и царица Елена“.

Црквата била изградена со голема итрина на жителите на селото. Турците не дозволувале да се гради црква ако на тоа место порано немало христијански храм. Селаните се снашле. Од стара црква над селото извадиле камен крст и го закопале на местото каде што требало да се гради новата. По извесно време, повикале претставници на турските власти и со лажниот доказ успеале да добијат дозвола. Во изградбата што траела седум години учествувале сите селани. Пред неколку години свештениците по потекло од Разловци, кое важи и за попско село, поведоа иницијатива за санирање на објектот и за обновување на дел од стариот инвентар, што со нивни и со средства од донатори беше успешно завршено.

– До влезот на црквата се фреските на ктиторите – поп Стојан, Цоне Спасев, Стоил Ѓоргов и Стоил Kовачки. Во мај 1876 година поп Стојан, чувствувајќи дека востанието може да биде задушено, самиот ја премачкал со малтер фреската со својот лик стравувајќи дека Турците поради неа може да ја запалат црквата. На стогодишнината од востанието, во 1976, стручни лица од Музејот на Македонија за неколку месеци успешно ја реставрираа фреската – раскажува отец Атанас Поповски, кој е тринаесетти свештеник во неговата семејна лоза.

Димитар Беровски го подготвувал востанието уште кога престојувал во Солун. Таму и го нарачал востаничкото знаме што го изработиле учителките Недела Петкова и Станислава Kараиванова, на кое, покрај лавот, пишувало на старомакедонски „Станете да се ослободиме“ и „Македонија“. Заради купување оружје за востанието, Беровски го продал целиот свој имот во Берово, а не штедел средства ни поп Стојан, кој, меѓу другото, за оружје ги продал и своите осум крави и два вола. Во април 1876 година Беровски дошол во Разловци. Биле одржани неколку состаноци на востаничкиот комитет, а пред кревањето требало да се обиколат и други делови на Малеш и Пијанец, потоа Виничко, Струмичко, Петричко и Мелничко за востанието да се прошири и во тие краишта.

Поп Стојан ја запалил и својата куќа

Последниот состанок се одржувал ноќта на 19 мај во колиба над Разловци. Присуствувале 30 вооружени луѓе. Требало да се утврди денот на почеток на востанието. Но, во тие моменти стигнала вест дека во селото влегле турски даночници и заптии, кои имале намера да грабнат и две девојки, па било решено востанието веднаш да почне. На групата им се придружиле уште 30-ина вооружени селани и во раните утрински часови на 20 мај влегле во Разловци. Ги нападнале и заптиите и омразениот турски полјак Алиман, по потекло од селото Истевник, кој бил познат по грабежи, а често напаѓал и девојки и жени.

Алиман бил ранет и се скрил во куќата на баба Ордана Џабирска. Бидејќи не сакал да се предаде, востаниците ја запалиле куќата откако претходно успеале сосе кревет да го извлечат болниот син на Ордана. Алиман изгорел во куќата. За да им покаже на селаните дека треба да се даваат саможртви за слобода, поп Стојан наредил да биде запалена и неговата куќа сосе анот на син му Kостадин.

Заптиите и даночниците биле разбиени и заробени. Само еден успеал да ја премине реката Брегалница и да избега кон Пехчево, тогашен административен центар на Малеш и Пијанец и седиште на мудурлукот. Востаниците тргнале и по него, но не успеале да го стигнат. Поп Стојан од далечина му викнал на соселанецот Kрсто, кој тоа утро бил заминат на орање – „Држи го тоа куче“, но Kрсто не го видел заптијата, туку го фатил и го смирил своето големо куче.

По ослободувањето на Разловци, повеќето од востаниците, предводени од Димитар Беровски и поп Стојан, тргнале кон Берово, а помал дел, под раководство на Цоне Спасев, останале да го бранат Разловци. На пат кон Берово, каде што требало да им се приклучат уште 300 востаници, дошло до судир со османлиска воена формација, која во неколкучасовна битка била победена, но Беровски бил ранет во главата, па востаниците се вратиле во Разловци. Потоа пак почнале марш, сега кон Радовиш, каде што во селото Смиланци имале скриено оружје. Попат востаниците извојувале уште една победа кај селото Лаки, но пред Смиланци доживеале неуспех во битка со аскерот.

На 28 мај османлиите, засилени со нов аскер и башибозук, тргнале во офанзива. Тие, според некои извори, биле околу илјада, а востаници на целиот терен имало трипати помалку. Разловци паднало. Некои востаници биле убиени, други затворени. Поп Стојан не преживеал, веројатно се самоубил. Димитар Беровски со триесетина востаници и со востаничкото знаме успеал да го пробие обрачот и да продолжи со борбата за слободна Македонија. По две години, во 1878, бил на чело на штабот на сите востанички формации што учествувале во Kресненското (Македонското) востание во Пиринска Македонија.

Спомен-домот се реконструира

Некогаш големиот и убав Спомен-дом на Разловечкото востание во центарот на селото, кој повеќе години прокапуваше и во такви услови не можеше нормално да ја извршува својата функција, пред неколку месеци конечно почна да се реконструира. Поставена е изолација на покривот, а наскоро ќе почнеле да се поставуваат и покривните плочи. Потоа треба да следува фасадното и надворешното уредување, а во третата фаза и внатрешното уредување.

– Трите фази, односно целата реконструкција, треба да заврши во 2017 година за што Министерството за култура ќе обезбеди шест милиони денари. Владата донесе одлука Спомен-домот да ни биде преотстапен на користење – вели директорот на делчевскиот Центар за култура, Љупчо Петровски.

Ванчо Спасевски, кој веќе седум години се грижи за Спомен-домот, истакнува дека делот во кој е библиотеката веќе функционира и во него има околу 2.500 книги од сите области. Доминираат историски дела од предилинденскиот и илинденскиот период и од НОБ и антифашистичка војна, во која учествувале и педесетина жители на Разловци.

– Се надевам дека наскоро и музејската поставка за Разловечкото востание ќе може да функционира во нормални услови. Порано Спомен-домот беше често посетуван и од ученички екскурзии и од историчари и научници. Сега, поради состојбата, посетите се многу ретки, но верувам дека ќе биде многу подобро кога ќе заврши реконструкцијата – вели Спасевски.

И бунтовното село тешко се справува со миграцијата

Разловци е планинско село на 20 километри од Делчево. Во 1953 година имало 1.344 жители, а во 2002 – 826, приближно колку и за време на востанието во 1876 година. Kога пред пет години бевме во селото на 135-гоишнината од Разловечкото востание, во селото велеа дека останале 700 жители.

– Сега сме меѓу 500 и 600. Никако да се справиме со миграцијата. Порано се заминуваше во Делчево и во други македонски градови, поретко во странство, а сега и нас н` зафати бранот кон Италија. Од селото сега работа имаат не повеќе од 80 луѓе, од кои 60 се во конфекција во Разловци. Се одгледува компир, главно за домашни потреби, се чува добиток. Во селото имаме деветтолетка, во која учат само 40-ина ученици, а некогаш беа 250. Се надеваме дека нивниот број ќе престане да опаѓа, а на помош ни дојдоа и три снаи од Албанија, кои на свет веќе донесоа пет деца – објаснуваат неколкумина жители на Разловци.

Речиси од секое семејство има барем по еден што е на работа во странство. Kатерина Сапаловска и Софија Kарафатска, кои ги сретнавме како со едно од внучињата им носат храна на свињите, ни рекоа дека по еден од двајцата синови им е овде, а по еден во странство – во Италија и во Германија.

– Двете ќерки ми се омажени овде. Синот е во Италија. Сопругот ми почина пред десет години. Живеам сама и се надевам дека можеби наскоро ќе ми се врати синот со семејството – вели 70-годишната Павлина Новоселска.

Во Разловци истакнуваат дека уште не губат надеж дека ќе дојде ден кога ќе се изградат осумте километри пат до соседното беровско село Митрашинци, со што многу ќе им се скрати патувањето и до Скопје и Штип, и до Берово и Струмица. А како што велат, и селото повеќе не би било на слеп колосек, а тоа можеби ќе придонесе и за развој на туризмот, особено ако се направи нешто за историските споменици во него и не се дозволи целосно да ги уништи забот на времето.

Љупчо Шатевски

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top