ИСЕЛЕНИK ИЗГРАДИ НОВ ПРАВОСЛАВЕН ХРАМ ВО ШТИПСKО Reviewed by Momizat on . Три автобуси од Штип и стотина автомобили од повеќе градови во Македонија во неделата донесоа околу 500 иселени некогашни жители на Селце и на околните села од Три автобуси од Штип и стотина автомобили од повеќе градови во Македонија во неделата донесоа околу 500 иселени некогашни жители на Селце и на околните села од Rating:

ИСЕЛЕНИK ИЗГРАДИ НОВ ПРАВОСЛАВЕН ХРАМ ВО ШТИПСKО

ИСЕЛЕНИK ИЗГРАДИ НОВ ПРАВОСЛАВЕН ХРАМ ВО ШТИПСKО

Три автобуси од Штип и стотина автомобили од повеќе градови во Македонија во неделата донесоа околу 500 иселени некогашни жители на Селце и на околните села од лакавичкиот крај, кои присуствуваа на осветувањето на новата црква „Св. Димитриј“ што во родното село ја изгради 68-годишниот Ѓоре Митев, кој со семјеството пред 35 години се иселил во Австралија. Во изградбата на храмот помагаа и муслимани што живеат во Селце, како што пред неколку години христијани помагаа во обновата на џамијата. Заедно со сегашните 150 жители на селото, на осветувањето имаше повеќе од 600 луѓе, колку што Селце, според пописот од 1953 година, некогаш броело жители.

– Срцето ми трепери како да сум во мојата младост. Тогаш и Селце и околните села, кои сега се речиси десеткувани со жители, беа полни со луѓе, со живот. Бевме музичари – татко ми кларинетист, јас трубач, брат ми тапанџија, па немаше седмица, а да не свириме на свадби, на собори во полните цркви и манастири. Во Селце, освен една куќарка кај гробиштата што служеше за верски потреби, немавме црква, иако свети Димитриј е заштитник и слава на селото со векови, па добро е што конечно добивме убаво православно светилиште – вели Борис Зафиров (74), кој, со браќата, одамна од родното Селце се иселил во Штип.

Ѕидаа мајстори од трета доба

Црквата, заедно со кујната и трпезаријата покрај неа биле изградени за само три месеци, а изградбата им била доверена, како што вели главниот мајстор и изведувач, Kостадин Kолев, на пензионери, мајстори од третата доба, сите по потекло од Селце.

– Со ктиторот Ѓоре Митев сме генерација и другари од детството. Тој финансира с`, а ние се потрудивме изградбата да биде во рекордно време и да биде најквалитетна. Темелите беа поставени во средината на јули, црквата ја завршивме на 20 октомври, а потоа само се поставија иконостасот и иконите. Освен мајсторите, кога имаше потреба од помош од повеќе луѓе, како при поставување темели или плоча, доаѓаа сите работоспособни мажи во селото, без разлика на националноста или на верската определба – истакнува Kостадин.

Тој е повратник во Селце. Се вратил со сопругата пред шест години од Штип, откако се пензионирал како градежник во ГП „Бетон“.

– За жал, пред десетина дена ми почина сопругата. Сега сум сам во викендичката што ја изградивме пред да се вратиме во селото. Повремено одам кај синовите во Штип. Се надевам дека ќе има и други повратници. Можеби за тоа ќе помогне и новата црква, во која, дај Боже, наскоро да ги имаме првата венчавка или крштевка, најавеното асфалтирање на улиците… Во Селце сега живеат 50 семејства, од кои најголем дел се турски, десет се македонски, две српски, две влашки семејства се иселија, но доаѓаат да си ги работат нивите. Но, има одличен соживот. Во ништо не се делиме и заедно сме и во добро и во лошо. Заедно славиме православни христијански заедно муслимански празници – истакнува Kостадин во Штип попознат како Kоце.

Шест месеци во Дарвин, а шест во Селце

Црквата „Св. Димитриј“, како што истакна на осветувањето митрополитот на Брегалничката епархија на МПЦ-ОА Иларион, е изградена во село каде што пред векови имало стар православен храм, а ова на некој начин е негово обновување, кое ќе сведочи за верата и за луѓето што живееле овде. Kтиторот Ѓоре Митев во Селце живеел до полнолетство. Потоа заминал во Штип, каде што се вработил како возач на камион во тогашен „Балкан експрес“, се оженил со штипјанката Снежана, тогаш вработена во МK „Астибо“, а во 1981 година, заедно со двата сина, едниот на пет, другиот на шестгодишна возраст, се иселиле во Австралија, каде што Ѓоре работел во механичарска работилница во рудник.

– Идејата да направам нешто за родното село ми е од пред една деценија. Си велев, имаме заштитник што го славеле и наши прадедовци, а немаме црква. Се надевам дека и други луѓе ќе дадат придонес да не згасне животот овде, а можеби и дел од иселените да почнат да се враќаат – вели Ѓоре Митев.

Во Австралија прво живееле во Волонгонг, па во Сиднеј, а сега се во Дарвин, каде што двајцата синови на Ѓоре и Снежана оформиле семејства.

– Јас прво работев во конфекција во Австралија. Сега имам моја детска градинка. Ѓоре е во пензија, а и јас наскоро ќе се пензионирам. Тогаш ќе може по половина година да поминуваме овде, а половина во Австралија со децата зашто Ѓоре има голема носталгија за Македонија – раскажува Снежана Митева.

Селце е на 17-18 километри од Штип, на три од магистралниот пат Штип – Струмица, од кој, со гордост сега истакнуваат жителите на селото, се гледа новата црква, особено ноќе, кога е осветлена со рефлектор.

Сложно слават на Велигден, Бајрам и на семејни веселби

Меѓу мајсторите што работеле на црквата „Св. Димитриј“ имало и Турци, а муслимани, заедно со Македонците, доброволно помагале и кога имало потреба од дополнителна работна сила при изградбата. Слично било и пред пет години кога била возобновена џамијата во Селце, кога често заедно при градбата биле и муслимани и христијани, а главен изведувач и на џамијата бил Kостадин Kолев.

– Сега ние имаме нова џамија, христијаните нова црква. Во с` сме заедно и сложно. Ние кај нив на Велигден, Божик, тие кај нас на Бајрам, на свадби, веселби. Не се живее лошо во Селце. Одгледуваме тутун, обработуваме лозја, во селото има 800 овци, стотина крави. Додуша, некои работи ни го загорчуваат животот. Три години немаме продавница во селото, автобуска линија имаме само во петок, кога е пазарен ден во Штип, а и ова политичарите да престанат да се караат, да имаме мир во државата – вели 80-годишниот Раман Усеинов.

Љупчо Шатевски

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top