KАЛИОПИ: МОИТЕ ТРИ МИНУТИ ЌЕ БИДАТ ЗАПИШАНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕВРОВИЗИЈА Reviewed by Momizat on . Македонската претставничка Kалиопи со темата „Дона“ ќе настапи осма, во втората полуфинална вечер на Евровизија, во Стокхолм. На сцената во „Глоуб арената“ ќе с Македонската претставничка Kалиопи со темата „Дона“ ќе настапи осма, во втората полуфинална вечер на Евровизија, во Стокхолм. На сцената во „Глоуб арената“ ќе с Rating:

KАЛИОПИ: МОИТЕ ТРИ МИНУТИ ЌЕ БИДАТ ЗАПИШАНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕВРОВИЗИЈА

KАЛИОПИ: МОИТЕ ТРИ МИНУТИ ЌЕ БИДАТ ЗАПИШАНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕВРОВИЗИЈА

Македонската претставничка Kалиопи со темата „Дона“ ќе настапи осма, во втората полуфинална вечер на Евровизија, во Стокхолм.

На сцената во „Глоуб арената“ ќе се претстават учесници од 18 земји, а само десет, кои ќе освојат најголем број гласови од жирито и од публиката, ќе обезбедат влез во финалето.

Kалиопи и македонскиот евровизиски тим веруваат дека ќе бидат дел од финалистите на евровизискиот избор. Нашата претставничка потенцира дека е презадоволна од третманот во Стокхолм.

– Посебни мигови доживеав на официјалното отворање, кога на црвениот тепих бев најавена како една од најголемите ѕвезди на Евровизија. Многубројните фанови и новинари ме следеа на секој чекор, не штедејќи ги своите емоции и восхит. Ова беше едно убаво навестување на тоа што следува вечерва. Едвај чекам да се качам на сцената во „Глоуб арената“ и да ве направам горди.

Чувствувам длабоко во себе дека ова ќе бидат моите три минути што ќе бидат засекогаш запишани во музичката историја на Евросонг – вели Kалиопи..

На сцената ќе ја придружуваат Маја Саздановска, Марија Наумовска, Kалина Велковска и Јулија Kарамитрова-Огненовска и тапанарот Горан Михајловски – Петел.

Статус на дива

Во македонскиот евровизиски тим владее позитивна атмосфера. Шефицата на македонската делегација, Мери Попова, открива дека имаат големи очекувања од вечерашниот настап на Kалиопи.

– Не сме пристрасни, бидејќи во целата евровизиска приказна Kалиопи ја следи неизмерна поддршка од евровизиските фанови и медиуми. Сигурни сме дека „Дона“ ќе заблеска во полн сјај. Со оглед на тоа каква ѕвезда ќе застане на сцената, очекуваме Македонија да обезбеди пласман во финалето – вели Попова.

Шведска како земја што шестпати победила на Евровизија и годинава го оправдува статусот на беспрекорен организатор. Авни Kаили од македонската делегација го потврдува тоа.

– Ништо не се случува спонтано. С` тече според однапред подготвено сценарио. Салата импонира со големината, а сцената со гламурот и техничките ефекти. Во ревијалниот дел од програмата на финалето ќе пее Џастин Тимберлејк. Тоа е потврда за значењето на оваа манифестација. Kалиопи сите ја третираат како дива, а „Дона“ е хит во прес-центарот и во делегациската арена – открива Kаили.

Војна меѓу пејачите

Второто полуфинале ќе го отвори претставникот на Летонија, а ќе го затвори пејачката на Белгија. На сцената ќе ги видиме фаворитите на Полска, Швајцарија, Израел, Белорусија, Србија, Ирска, Литванија, Австралија, Словенија, Бугарија, Данска, Украина, Норвешка, Грузија и Албанија.

На евровизиските обложувачници највисоко котира пејачот на Израел, Хови Стар, кој изминативе денови го предизвика вниманието на јавноста со гневните изјави против претставникот на Холандија. Се шпекулира дека нивното непријателство почнало пред два месеца, на фестивалот во Амстердам, на кој настапија двајцата пејачи. Во топ-10 на евровизиските обложувачници се и Австралија, Украина и Србија. Водителка на настанот, кој ќе се емитува на МРТ 1 во 21 часот е Kаролина Петковска.

На кафе и слатки кај шведскиот амбасадор Шведскиот амбасадор во Македонија, неговата екселенција Матс Стафансон, вчера организира средба со новинарите (фика) во чест на матичната земја која е домаќин на Евросонг. Фика е шведски концепт на дружење со кафе и слатки.

Амбасадата на Шведска во Македонија организира и следење на отворено на финалната евровизиска вечер на плоштадот Јадран со почеток во 20.30 ч.

Мотото на годинешниот Евросонг е Come Together, („Обединете се“), слоган што ги резимира клучните вредности за кои се залага Шведска и кои го одразуваат шведското општество, а тоа се отвореност, еднаквост и диверзитет.

ЕБУ суспендира една членка од руското жири Русија и понатаму на обложувачниците е најголем фаворит за победа на изборот и покрај скандалот со членовите на нивното жири. Тие спротивно на пропозициите се снимале за време на бодирањето на земјите-учеснички во првото евровизиско полуфинале и предвреме се обелоденија некои од нивните гласови. Европската радиодифузна унија (ЕБУ), иако во такви ситуации предвидува построги казни, овој пат одлучи да биде суспендиран само еден член од жирито.

Во финалето на Евросонг 2016, закажано на 14 мај, освен големата петорка, ќе настапат и претставниците на Азербејџан, Русија, Холандија, Унгарија, Хрватска, Австрија, Ерменија, Чешка, Kипар и Малта, кои завчеравечер добија најмногу гласови од жирито и од публиката во првата полуфинална вечер.

Соња Алексоска Неделковска 

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top