ПОЧНУВА НАЈГОЛЕМИОТ ЕВРОПСКИ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ Reviewed by Momizat on . Со големото дефиле на учесници и гламурозна церемонија, вчера пред Градската куќа во Стокхолм и официјално започна „Евровизија 2016“, која годинава за домаќин ј Со големото дефиле на учесници и гламурозна церемонија, вчера пред Градската куќа во Стокхолм и официјално започна „Евровизија 2016“, која годинава за домаќин ј Rating:

ПОЧНУВА НАЈГОЛЕМИОТ ЕВРОПСКИ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ

ПОЧНУВА НАЈГОЛЕМИОТ ЕВРОПСКИ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ

Со големото дефиле на учесници и гламурозна церемонија, вчера пред Градската куќа во Стокхолм и официјално започна „Евровизија 2016“, која годинава за домаќин ја има Шведска, поточно арената „Глоуб“ во „нордиската Венеција“, како што ја нарекуваат престолнината.

Стокхолм ги нагости 42 земји учеснички што на 61. евровизиско издание ќе го вложат музичкиот влог и ќе го употребат целиот капацитет за нивната земја што поубаво да ја пласираат на светската музичка мапа. Инаку, кога се во прашање вакви гламурозни отворања, најмногу работа имаат фоторепортерите – шаренило од бои и гламур, потоа кревање знамиња од војниците на најстара шведска воена постава и прошетка по црвениот килим долг 95 метри, се постојано во центарот на нивните објективи.

Нашата претставничка Калиопи, миленичка на евровизиските новинари и фанови, на себе својствен начин беше впечатлива и на црвениот килим. Водителот на програмата ја најави како една од најголемите евровизиски ѕвезди, а многубројните фанови и’ го довикуваа името пеејќи ги рефрените од „Бато“ и „Дона“

Калиопи носеше елегантна свилена тоалета во црна боја, која во целост одговараше со нејзиниот препознатлив стил и сензибилитет.

На прашањето на новинарите за кој дизајнер станува збор, Калиопи истакна дека на располагање имала неколку свечени тоалети од познати светски брендови и креатори, но нејзиниот избор е нашата дизајнерка и моден креатор Розе Трајчевска. Во многуте прашања врзани за пласманот и за Македонија, Калиопи го изјави следното.

„Мојата земја Македонија многу ми значи, тоа е мојата најголема инспирација. Мојот народ е прекрасен, мирољубив и ако ја посетите Македонија, ќе бидете пречекани со големо гостопримство. Ако се претставувам себеси и својата земја, тоа мора да го направам со најголема гордост и огромна чест.“

Шведската телевизија (STV), како домаќин радиодифузер и организатор на овој музички спектакл, го има редоследот на учесниците од вечерашната прва полуфинална вечер – Финска, Грција, Молдавија, Унгарија, Хрватска, Холандија, Ерменија, Сан Марино, Русија, Чешка, Кипар, Австрија, Естонија, Азербејџан, Црна Гора, Исланд, Босна и Херцеговина и Малта. Втората полуфинална вечер е резервирана за Летонија, Полска, Швајцарија, Израел, Белорусија, Србија, Ирска, Македонија, Литванија, Австралија, Словенија, Романија, Бугарија, Данска, Украина, Норвешка, Грузија, Албанија и Белгија.

Што се однесува до гласањето, по 40 години се менува системот за објавување на резултатите на фестивалот. Всушност, промената ќе биде промовирана во финалето, кое ќе биде одржано на 14 мај: гласовите на жирито и публиката ќе се објавуваат одвоено. Телевизиите од 42 земји учеснички прво ќе ги објават гласовите на жирито од секоја земја, а на крајот ќе бидат соопштени гласовите од публиката, со што се пролонгира неизвесноста за победата до самиот крај.

Инаку, годинешното мото на „Евровизија“ гласи: „Да се обединиме“ и е поврзано со актуелната бегалска криза во Европа.

Водители на „Евровизија 2016“ се Петра Менде и минатогодишниот победник Монс Зелмерлов, а преносот ќе се случува од 21 час на државната телевизија МРТ.

Нашата екипа

Розе Трајчевска е креатор на костимот со кој Калиопи ќе настапи на евровизиската сцена, своевидна стилска мешавина на нео-барок и рок. Овој фустан, кој го видовме на пробата, меѓу новинарите во евровизискиот прес-центар беше оценет како спектакуларен.

Калиопи ќе биде придружувана од придружните вокали – Маја Лилчиќ, Јулија Карамитрова-Огненоска, Калина Велковска и Марија Наумовска и од тапанарот Горан Михајловски.

Валентина Тодоровска

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top