НИКОЛЧЕ ПЕТКОСКИ: ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ СЕ СИГУРНИ, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ИЗБРЗУВААТ Reviewed by Momizat on . Дали и како најновата одлука на Народна банка на Македонија за зголемување на основната камата ќе се одрази врз каматите на кредитите и депозитите во банката? О Дали и како најновата одлука на Народна банка на Македонија за зголемување на основната камата ќе се одрази врз каматите на кредитите и депозитите во банката? О Rating:

НИКОЛЧЕ ПЕТКОСКИ: ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ СЕ СИГУРНИ, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ИЗБРЗУВААТ

НИКОЛЧЕ ПЕТКОСКИ: ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ СЕ СИГУРНИ, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ИЗБРЗУВААТ

Дали и како најновата одлука на Народна банка на Македонија за зголемување на основната камата ќе се одрази врз каматите на кредитите и депозитите во банката?

Овој потег на Народна банка на Македонија беше очекуван и практично на некој начин беше најавен од гувернерот. Каматната стапка на благајничките записи е основна референтна стапка според која деловните банките ги креираат своите каматни политики. Мислам дека е се’ уште рано за какви било предвидувања, но имајќи го предвид зголемувањето на каматните стапки на благајничките записи, може да очекуваме придвижување и на активните и на пасивните каматни стапки доколку овие промени кај благајничките записи се од подолгорочен карактер.

Со оглед што политичката криза, заедно со одредени шпекулации, предизвикаа повлекување на штедни влогови од банките, каква е на тој план состојбата во Вашата банка, односно дали има повлекување на штедни влогови и дали банката може да одговори на барањата на сите штедачи?

Факт е дека во моментов, како на ниво на банкарскиот сектор, така и во Еуростандард банка, се создава непотребен притисок за повлекување на депозитите од страна на депонентите. Постои извесно зголемување на динамиката на повлекување, како и промена на депозитите од денари во девизи, но тоа е далеку од сликата што се создава. Штедните влогови на сите клиенти се сигурни и стабилни. Сите оние што имаат потреба од подигнување средства, можат во секое време да дојдат во нашите експозитури и веднаш ќе бидат опслужени, без разлика дали се физички или правни лица. Сите оние што сакаат да извршат менувачко работење, односно да купат девизи за денари, исто така ќе бидат веднаш опслужени. Еуростандард банка е стабилна, високо ликвидна, заштедите на граѓаните се сигурни и нема никаква потреба од загриженост и вознемиреност. Сепак би апелирал за внимателност бидејќи повиците за повлекување на штедните влогови, од фиктивна може да создадат реална криза, и со тие прашања не треба да се игра. Засега сметам дека нема простор за паника, но оваа психичка криза во јавноста треба надлежните што поскоро да ја смират.

Дали во меѓувреме се смирија барањата за повлекување?

Минатата недела имаше благо стабилизирање на состојбата, а верувам дека истиот тренд ќе продолжи и следните денови, бидејќи не гледам реална потреба, а ниту економска оправданост за загриженост. Граѓаните што ќе побрзаат да ги подигнат депозитите ќе имаат финансиска штета поради изгубена камата и курсна загуба ако денарите ги менуваат во странска валута. Треба секако да се има предвид и дека ризикот од кражба на ефективните пари што се чуваат дома е максимален. Повлекувањето на депозитите е сосем непотребен потег.

Според податоците на НБМ, средните банки во земјава лани имале вкупна добивка од 16 милиони евра. Со оглед што Еуростандард банка влегува во оваа категорија, колку од овој солиден финансиски резултат се должи на работењето на Вашата банка?

Како што е веќе познато, во 2014 година Поштенска банка се припои кон Еуростандард банка, при што со ова присоединување Еуростандард банка влезе во рангот на средни банки на пазарот на Македонија. Иако сме „најмлад“ член во групата на средни банки (само една година), 2015 година за Еуростандард банка беше далеку поуспешна од претходната, и покрај тоа што бевме повнимателни во работењето, односно фокусот беше ставен на квалитетот на портфолиото за сметка на профитот. Во 2015 година, Еуростандард банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 118 милиони денари, односно приближно 2 милиони евра.

Во услови на се’ поголема политичка неизвесност и ескалација на кризата, дали гледате опасности и каде ги лоцирате ризиците од политичката криза конкретно за банкарскиот сектор?

Уште на самиот почеток на оваа криза, стопанствениците испратија јасна порака до политичарите – под итно да се реши политичкиот ќор-сокак, бидејќи во спротивно последиците за економијата ќе бидат катастрофални. Како најзагрозени беа наведени малите и средни претпријатија, кои пак процентуално се и најголемата таргет-група на деловните банки, бидејќи овој сегмент во себе носи развојна компонентна и голем потенцијал за успех на пазарот. Пролонгирањето на случувањата на политичката сцена имаат негативни ефекти, како во стопанството така и во работата на банките. Вообичаено инвеститорите се многу чувствителни на неизвесност. Ним им треба сигурност, стабилност, извесност. Случувањата на политичката сцена, најпрвин се одразија врз инвестициите и потрошувачката, кои се очекува да бидат и главни двигатели на економскиот раст, па така и падот на проектираниот економски раст до некаде беше и очекуван. Крајот на политичката криза ќе значи ослободување од стегата што ја наметнаа политичките партии. Сите сме во исчекување да се стави крај на притисокот од она што бевме сведоци во изминатиот период. Потребно е да се ослободи простор за бизнис-заедницата која треба да се фокусира исклучиво на бизнисот. За мене во овој момент тоа е најважното.

Кон кој вид клиенти е главно насочена банката, дали повеќе кон стопанството или кон кредитирање на граѓаните?

Целите на банката се определени во стратегијата на банката, и се насочени кон сегментот микро, мали и средни претпријатија, како и населението. Во следниот период Банката првенствено ќе се фокусира на малите и средни претпријатија и микробизнисот, бидејќи тој сегмент во себе носи развојна компонента и голем потенцијал за успех на пазарот. Во поглед на кредитирање на сегментот население, во фокусот останува финансирањето на комерцијалните потреби на населението, преку понуда на најразлични видови потрошувачки кредити, кредитни, дебитни и кобрендинг картички, како и хипотекарните и станбените кредити. Посебен акцент е ставен на најстарата група на клиенти – пензионерите, за кои веќе Банката понуди низа поволности, продукти и услуги за сите категории.

Колку банката учествува во купување државни хартии од вредност?

Хартиите од вредност и нивната продажба како финансиски инструмент е општо познат на пазарот на капитал, каде што државата по потреба се финансира со распишување емисии на државни хартии од вредност, било во форма на државни записи или во форма на обврзници, со цел обезбедување средства за финансирање на буџетските потреби. Од друга страна, деловните банки имаат целосна слобода и право самите да одлучуваат каде ќе ги пласираат своите ликвидни средства во согласност со својата деловна политика. Банките постојано се стремат да остварат што поголем профит, притоа водејќи сметка за нивото на ризикот што го преземаат. Ние го структурираме нашето портфолио на начин кој овозможува минимизирање и диверзификација на преземениот ризик, поради што секако дека ги користиме и безризичните пласмани во хартии од вредност. Примарна цел на банката секогаш се нашите клиенти и ние во ниту еден момент не ја доведуваме во прашање нивната поддршка, за сметка на безризичните пласмани. Напротив, со овие пласмани ние им обезбедуваме сигурност и квалитетна услуга и на нашите депоненти. Впрочем, цел е на секоја деловна банка, пред се’, да инвестира во кредити на стопанството и на населението бидејќи приносот е далеку повисок во споредба со вложување во хартии од вредност.

Нина Нинеска-Фиданоска

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top