ЛИЛЈАНА МАЗОВА – САМО ЧЕТИРИ ТЕАТРИ ИМААТ ЗНАЧАЈНА ПРОДУКЦИЈА Reviewed by Momizat on . Двете монографии чиј автор и коавтор сте, а кои беа промовирани во декември минатата година, се поводот за нашиот разговор. Монографијата за Бранко Ѓорчев и мон Двете монографии чиј автор и коавтор сте, а кои беа промовирани во декември минатата година, се поводот за нашиот разговор. Монографијата за Бранко Ѓорчев и мон Rating:

ЛИЛЈАНА МАЗОВА – САМО ЧЕТИРИ ТЕАТРИ ИМААТ ЗНАЧАЈНА ПРОДУКЦИЈА

ЛИЛЈАНА МАЗОВА – САМО ЧЕТИРИ ТЕАТРИ ИМААТ ЗНАЧАЈНА ПРОДУКЦИЈА

Двете монографии чиј автор и коавтор сте, а кои беа промовирани во декември минатата година, се поводот за нашиот разговор. Монографијата за Бранко Ѓорчев и монографијата за Турски театар – Скопје кој одбележа 65 години постоење што ја подготвивте заедно со Атила Клинче. Кажете ни нешто повеќе за нив.

Монографиите излегоа од печат во растојание од неколку месеци, а промоциите случајно им беа во иста седмица. Првата за актерот, директор на Драмски, педагог Бранко Ѓорчев е сведоштво за него, по прераното заминување. Покрај анализа на неговиот актерски век, содржи прилози за него како човек, колега, родител… и многу фотографии. Книгата започнува со негов став за театарот и за првпат (или барем јас не знам) со ДВД со инсерти од претстави, телевизиски продукции и фотографии кои сведочат за „живиот“ актер. Издавач е Драмски театар.

Втората за Турскиот театар – Скопје, насловена „Со крупни чекори кон целта“, е ново сведоштво за неговото дејствување, со 636 фотографии од продукциите од последните пет години, оценки за соработка, целата продукција, награди, гостувања и фазите на градба на неговиот прв објект. Двете се севкупни и луксузни изданија и докажуваат дека со посветеност сe стигнува до целта.

Како долгогодишен познавач на театарските прилики во нашата земја, како би ги оцениле сегашните состојби во театарот?

Е, ова е наградно прашање за спротивности. Се изградија и се градат нови театри, се формираа нови, во сите се вработија нови актери, режисери, драматурзи, некаде и лектори, а продукцијата никогаш не била понезначајна. Се разбира, има и исклучоци: Македонскиот народен театар, Театар „Комедија“, Народниот театар –Битола, Турскиот театар. Во нив се случува театар, публика, гостувања и награди и во меѓународна конкуренција. Првите три се и организатори на меѓународни фестивали. Сепак, ова е многу малку во однос на дваесетината кои се финансираат по сите основи. Кој им го дозволува бадијалчењето!? Некои водат и свои „битки“, ама факт е дека нивните партиски директори и опуштеноста се погубни и најскапи. Чинам дека има и среќни од „слободата“, а се платени. Имаат годишно само по 50/60 (може и помалку) вечери кога вратите им се отворени за публика која, како бројка, е исто срамна. Решив да „не им ја реметам слободата“ и да сум им штетна. Често ми се случува да ги бројам бадијала поарчените часови – за ништо.

Според Вас, која претстава/или кои претстави се истакнуваат во морето театарски продукции?

Има неколку. Ама малку кога ќе се спореди со сето она што е финансирано. Во секој случај, тие се во театрите во кои се работи – еве МНТ работи како фабрика во три смени и тоа се гледа, а до пред пет-шест години никаде го немаше, во „Комедија“ и во Народниот театар – Битола исто. Другите се заринкани во безначајноста и создаваат и несреќни актери и вработени, или „возат“ на стара продукција.

Во македонските медиуми речиси и да не постои театарска критика. На што се должи тоа?

И по толку време, години, не ми се разјаснува зошто во многуте пишани медиуми, електронски, па и портали речиси и нема рубрика за култура, има само информација што било и ќе биде и најважно е ако има афера. Само тогаш театарот е ударна информација. Меѓутоа, уште пострашно е што нема критика, оценка за ниту една сфера на уметноста. Се третира само до интервју. Деновиве еден познат режисер однадвор токму тоа ме праша: како е можно да нема речиси никаква критика? Со години му се радував на секој што ќе покажеше интерес, ама бргу се откажуваа. Сигурно од третманот. Еден релевантен директор ме нарече „последната партизанка“ што, се разбира, ме заболе. Има и праматари. Неодамна, уметничкиот директор и селектор на БИТЕФ, Иван Меденица, ми побара сугестија за „битефовска“ претстава. Ме потсети дека годинава во септември на фестивалот ќе има и меѓународен конгрес на театарски критичари. Ми кажа дека и Македонија е членка на Меѓународната асоцијација на театарски критичари и да се пријавам како втор делегат. Сфатив дека прв делегат ќе биде претседателот на некојаси македонска асоцијација на критичари, или не знам што е. Воедно, Меденица ме праша дали тој наш претставник нешто ни пренесува?! Кога ми кажа кој е, реков дека тој за мене е небаждарен и дека немам досега од него ниту прочитано, ниту чуено став за претстава, а камоли за ваква асоцијација. Кога му се обратив на односниот господин, тој криеше, како змија нозе, дури и за тоа кои се членовите од тука. На крај ми кажа двајца. Тоа го проверив и тие двајцата првпат слушаат дека се членови од тука. Тоа е срамно за театарот и за сите нас.

Kвалитетот на претставата се оценува преку фестивалските награди, бројноста на изведбите, гостувањата. На овој план, каде се наоѓаат македонските претстави?

Сосема накусо: со малку исклучоци, на многу ниско ниво. Новите театарџии не го знаат времето, или само слушале кога речиси однапред се знаеше дека претстава од Македонија ќе биде најдобра, со најмногу награди.

Можете ли да направите споредба на театарот од Македонија со театарот во регионот, како во Србија, Босна, Хрватска, Словенија?

Театарот во регионот и во светот се занимава со релевантни теми: 21 век, изгубениот човек во него, егзодусите, транзициите, желбата за поинаков живот (и на театарот), менувањето на границите… На тие теми се и фестивалите за кои разни селектори бараат да им предложам претстава од Македонија. Се разбира внимавам на својот став и не предлагам што-годе. Или, ако предложам, тематски не се соодветни или нешто друго, трето. И на фестивали во кои сум во жири или гостин (тоа е често), непријатно ми е кога ме прашуваат зошто не’ нема. И за тоа, меѓу другото, треба вешти директори. Има неколкумина. Има и праматари на кои не им е местото во театарот, штетни се. Царува поделеноста.

За на крај, кажете ни нешто повеќе за Вашите ангажмани…

Работа има секогаш. Само треба да се сработи. Среќна сум што ќе се појави пред јавноста драмата „Маруша“ од 1925 година, која е и првата забранета претстава во Македонија. Ќе биде сосема различно издание за кое слух имаше само Музејот во Штип. За неа со децении разни скрибомани тврдат дека драмата ја нема, а јас ја добив пред деценија и повеќе, во ракопис, затоа што друго издание и нема. Се разбира, има и нешто друго што ќе излезе годинава. Ќе бидам и на шест-седум меѓународни фестивали, што како жири, што како гостин или со некоја задача или проект.

Наташа Илиевска-Таневски

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top