ВАЖНА Е ПОБЕДАТА, А НЕ РАЗЛИКАТА ПРОТИВ ВЕСПРЕМ Reviewed by Momizat on . Вардар мора да го победи Веспрем во сабота од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“ за да има шанса во возвратната средба од четврт-финалето во ракометната Лига на ша Вардар мора да го победи Веспрем во сабота од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“ за да има шанса во возвратната средба од четврт-финалето во ракометната Лига на ша Rating:

ВАЖНА Е ПОБЕДАТА, А НЕ РАЗЛИКАТА ПРОТИВ ВЕСПРЕМ

ВАЖНА Е ПОБЕДАТА, А НЕ РАЗЛИКАТА ПРОТИВ ВЕСПРЕМ

Вардар мора да го победи Веспрем во сабота од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“ за да има шанса во возвратната средба од четврт-финалето во ракометната Лига на шампионите на 30 април во Унгарија, смета тренерот Раул Гонзалес. Разликата, според него, е од второстепено значење, бидејќи и пет минути лоша игра може да го урне тоа што макотрпно ќе се изгради во останатиот дел од мечот.

„Треба да ги одиграме сите 60 минути без поголеми осцилации и падови. Не знам каква ќе биде разликата, можеби ќе биде многу мала, но за мене најважно е да победиме. Мораме да се фокусираме на овој дуел и да не мислиме на реваншот, но за да имаме шанса таму мораме да создадеме некаква предност, односно да победиме. Играчите имаат желба и јас имам доверба во нив, сите сакаме да играме на фајналфорот, но ќе биде тешко. Како никогаш досега ни треба помошта од навивачите, и тоа во текот на целиот меч“, изјави Шпанецот на вардаровата клупа. „Веспрем е многу добар противник, против кој треба да одиграме цврсто во одбраната и да ја користиме секоја можност за контранапад и за лесни погодоци. Имаат крупни и паметни играчи како Палмарсон, Наѓ, Илиќ, Чема Родригез, кои трчаат многу и на кои мораме максимално да внимаваме. Сепак, верувам дека ќе одиграме добро и ќе дојдеме до победата“.

Силата на ривалот што го имаат совладано само еднаш на официјален меч (28:21 во СЕХА-лига лани) и уште еднаш на контролна средба кога дебитира Гонзалес пред две години ја нагласува и Стојанче Стоилов.

„Веспрем е последната пречка за тој фајналфор што го чекаме последниве години. Неколку пати игравме со нив сезонава и мислам дека добро ги познаваме, но и тие нас. Им ја препуштам фаворитската улога, искусни се, но ние играме дома, пред нашата публика и тоа е нашата предност што може да ни помогне да победиме, иако ќе биде многу тешко. Се согласувам со Раул дека одбраната ќе го реши победникот“, додаде пикерот на „црвено-црните“.

Каква планина треба да искачат ракометарите на Вардар зборува и последното рангирање на ЕХФ, според кое Веспрем е прв фаворит за титулата меѓу осумте четвртфиналисти, а Вардар шести. Меѓу нив се Пари Сен Жермен, Барселона, Флензбург и Кјељце по тој редослед, а зад македонскиот претставник се Кил и ППД Загреб.

Капитенот Филип Лазаров тешко дека ќе може да настапи во сабота, со оглед на тоа дека се врати на тренинзите завчера по скршеницата на палецот на десната рака. Останатите, вклучувајќи го и Сергеј Горбок, кој исто така паузираше поради повреда, се подготвени за борба со ривалот против кој Вардар ги загуби и двата меѓусебни дуела во ЛШ во минатата сезона, како и финалето на СЕХА-лига на почетокот од месецов.

Роберт Димитриевски

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top