ЈОСИП ЈУРАТОВИЌ: НА МАКЕДОНИЈА И’ ТРЕБА ВИСТИНСКА ДЕМОКРАТИЈА Reviewed by Momizat on . Како ја оценувате актуелната политичка ситуација во Македонија? Држи ли проценката на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека земјава ќе биде следното кризно жариш Како ја оценувате актуелната политичка ситуација во Македонија? Држи ли проценката на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека земјава ќе биде следното кризно жариш Rating:

ЈОСИП ЈУРАТОВИЌ: НА МАКЕДОНИЈА И’ ТРЕБА ВИСТИНСКА ДЕМОКРАТИЈА

ЈОСИП ЈУРАТОВИЌ: НА МАКЕДОНИЈА И’ ТРЕБА ВИСТИНСКА ДЕМОКРАТИЈА

Како ја оценувате актуелната политичка ситуација во Македонија? Држи ли проценката на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека земјава ќе биде следното кризно жариште во Европа?

Состојбата не оди на добро, но не мислам дека е толку критична за да доведе до распаѓање на државата, како што проценува весникот. Сепак, факт е дека долго време ситуацијата во Македонија е многу сложена и станува се’ полоша. Не функционира парламентот, во застој е решавањето на спорот со Грција, а влада практично нема бидејќи ќе има нови избори. Општеството во Македонија треба сериозно да размисли како да се создаде вистински демократска општествено-политичка клима што конечно ќе ве одведе напред кон конструктивна политика и позитивен развој. Сега се’ уште има многу популизам.

Сето ова звучи многу добро, но по двата договора од Пржино што не се исполнија, сега повторно ќе се преговара. Каде го гледате излезот, ни треба ли нов договор или тоа е веќе апсурд?

Долго се преговараше, се донесоа заклучоци и двете страни ветија меѓусебни отстапки. Со потези како овој со амнестијата тоа не е можно, бидејќи за вакви прашања мора да има општествен консензус. Според мене, мора пред се’ да дојде до демократски избори, а потоа се’ да се препушти на независно судство. Политиката мора да оди понатаму и да бара решенија како Македонија да излезе од оваа општествено-политичка, економска и социјална ситуација. Многу е тешко да се постигне такво нешто однадвор. Европската комисија веќе проба да посредува, но не постигна ништо, бидејќи ние не можеме да и’ наредуваме на една суверена земја. Можеме само да посредуваме и да бараме двете страни да се договорат.

Дали, според Вас, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги амнестира сите политичари осомничени за криминал во земјата е контрапродуктивна?

Земја што сака прием во Европската Унија и што мора да исполни 35 поглавја, ако е сериозна во тоа, знае дека не може да има амнестија за криминал и за корупција. Обид да се прави компромис и политичко помирување на ваков начин само ја влошува ситуацијата, а криминалот и непотизмот се легитимираат. Тој потег, колку и да бил добронамерен, ќе ја влоши кризата.

Треба ли претседателот Иванов да ја повлече амнестијата, како што бара деновиве јавноста?

Колку и да имал добри намери и колку и да мислел дека така ќе се оди напред, таа не е добар потег, бидејќи не се прави амнестија на криминал и на непотизам. Тоа не е улога на еден претседател. Функционална држава мора да има функционален судски систем, а претседателот повеќе треба да се фокусира на прашања што ги засегаат сите граѓани во Македонија. Тој не е претседател на една политичка партија или опција, туку на сите граѓани во Македонија. Тој не треба да прави отстапки на една политичка партија туку да се бори за целите на сите граѓани. Ситуацијата е комплексна.

И граѓаните, од друга страна, треба да ја одработат својата обврска и да решат каква Македонија сакаат – општество на страв и на диктатура или на слободни граѓани заштитени со владеење на правото? Знам дека има притисоци врз институциите и секој е зависен на некој начин од политиката и од политичарите, но за аларм доволен е фактот дека една четвртина од македонските граѓани ја напуштиле државата. Еден ден ниту еден нормален нема да остане во Македонија. Затоа, пред се’ постарите генерации кои се поколебливи треба да решат јасно дали сакаат Македонија во која нивните деца ќе имаат иднина или деца кои ќе одат надвор од Македонија да работат за туѓи интереси.

Дали изборите се решение за политичката криза, со оглед на најавите за бојкот од страна на опозицијата?

Мислам дека Груевски чувствува дека ова е најповолен тајминг за него да оди на нови избори, поради меѓународната ситуација и добрата соработка на Македонија околу мигрантската криза. Нам во Европа ни е во интерес, исто така, Македонија да добие стабилна влада, која ќе наоѓа решенија за влошената економска ситуација. Македонија не може вечно да се одржува без демократски избрана власт. На Груевски особено му се брза, а за опозицијата, која има неколку логично критички прашања за изборите, битно е сепак да се фокусира на целите, бидејќи на крајот сепак ќе се избираат програми. Знам дека опозицијата работи во отежнати услови, но некаде мора да се најде излез. Не може вечно да се бојкотира, бидејќи Македонија нема функционални институции. Дали изборите ќе бидат во јуни или еден месец подоцна веќе не игра улога. Сите страни сега треба да нудат програми за иднината. Македонија е во страшни внатрешни проблеми, пред се’ социјални и економски, поради што ви е потребна сериозна политика која ќе понуди перспектива.

Меѓународната заедница најави дека нема да ги признае изборите ако не се договорени меѓу сите партии. Какви ќе бидат последиците од таков развој на настаните?

Ќе мора да се повторат изборите. Меѓународната заедница може да рече дека изборите биле манипулирани и не се признаваат, но на крајот пак ќе мора да се најде решение. Битно е во земјата да се изгради граѓанска свест, бидејќи што и да се очекува од политичките партии, за нив е најважно да добијат на избори. Најголем проблем е што во регионот воопшто политичките партии не функционираат како партии на членови, туку како партии на лидери. Граѓаните што се желни за решение треба да влезат во партиите и таму да ги решаваат проблемите. Затоа апелирам секој член на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ да се запраша дали смислата и целта на неговата улога во партијата се само да биде послушен и да добива некакви привилегии, за конечно да почнат однатре да ги демократизираат.

Зошто Македонија испадна најпроблематична во регионот, иако едно време беше лидер? 

Има различни причини за тоа, а една од нив сигурно беше појавувањето на некој вид непотизам, како и отсуството на опозицијата во парламентот. Во таква ситуација, опозицијата не можеше да смени ништо, така што треба што побргу да се одржат избори и таа да ги остварува своите цели преку парламентот. Отежнувачки е што ниту демократијата, ниту парламентот, ниту демократските институции не се штитеа ниту пак правилно се користеа тука. Затоа, испадна како што испадна. Немате функционален парламент, а бидејќи е тој највисок орган со демократски состав, практично немате демократија. Затоа, треба што поскоро да се спроведат избори.

Сепак, ништо не може да се постигне без изградба на граѓанска свест, а се’ додека таа е ваква каква што е, ништо нема да се смени. Тоа можат да го модерираат претседателот и граѓанските организации без да си дозволат да бидат за или против една или друга политичка партија или да бидат нивни инструмент. Партиите треба да се во служба на слободното граѓанско општество, а не обратно.

Очекувате ли натамошна ескалација на политичката криза, со оглед на најавата дека протестите нема да престанат? 

Се надевам дека нема да се случи тоа, но на Западниот Балкан тоа никогаш не може да се гарантира. Имам чувство дека на Груевски ништо не му е свето и дека лесно ќе ги искористи сите инструменти за да се заштити себеси. Сега сме дојдени до точката кога претседателот на државата верува дека може да го ублажи тоа така што ќе го амнестира. Но, така се легитимизира диктатура и непотизам. Затоа апелирам до ВМРО-ДПМНЕ, ако има и најмалку демократски дух, од внатре да го реши случајот со Груевски и со неговиот политички стил. Ако не го стори тоа, тогаш оваа партија не е демократска за мене и секој македонски граѓанин ќе знае дека оној кој е ВМРО не избира демократска опција туку диктатура и непотизам.

Слободанка Јовановска 

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top