Македонскиот уметник Јосифов ќе изведе перформанс во Атина Reviewed by Momizat on . Македонскиот уметник Игор Јосифов е единствениот претставник од Македонија што ќе изведе свој перформанс на големиот фестивал „Транзиции“, кој почнува утре во А Македонскиот уметник Игор Јосифов е единствениот претставник од Македонија што ќе изведе свој перформанс на големиот фестивал „Транзиции“, кој почнува утре во А Rating:

Македонскиот уметник Јосифов ќе изведе перформанс во Атина

Македонскиот уметник Јосифов ќе изведе перформанс во Атина

Македонскиот уметник Игор Јосифов е единствениот претставник од Македонија што ќе изведе свој перформанс на големиот фестивал „Транзиции“, кој почнува утре во Атина, а кој им е посветен на уметниците од Балканот. Ѕвезда на фестивалот ќе биде славната Марина Абрамовиќ.

Јосифов учествува во програмата на хрватското здружение „Домино“, заедно со уметници од Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Романија и од Молдавија. Овој геополитичко-културен настан е осмислен за продлабочување на дијалогот со општествата што во последниве две децении беа сведоци на радикални политички и владејачки промени.

– Девет дена уметниците што последниве години ја растресоа меѓународната сцена со своите радикални форми и високополитизирани практики ќе го трансформираат културниот центар „Оназис“ во отворена платформа за уметничка размена и критичко размислување, уривајќи ги притоа водечките табуа и стереотипи. Уметниците што се поканети на балканскиот фестивал се родени во времето на вистинскиот социјализам, сведоци се на насилството и хаосот на посткомунистичкиот период, а сега живеат во кризата на неолибералниот владејачки модел – вели Катиа Арфара, уметничка директорка на фестивалот.

Ова е мултидисциплинарни фестивал, кој се артикулира низ многу важни теми токму за овие проблематични времиња: криза на идентитетот, национализам, емиграција и нужност да се создаде влијателно цивилно општество.

Покрај Јосифов,учесници се Петра Ковачиќ, Ален и Ненад Синкауз, Бојана Радуловиќ, Бруно Исаковиќ, Тсветелина Стојанова.

Јосифов ќе лежи во ковчег од плексиглас

Јосифов ќе го изведе својот познат перформанс „Дводимензионално“, во кој го истражува деликатниот однос меѓу уметникот и гледачот. Лежејќи во своевиден ковчег од плексиглас, Јосифов ја поканува публика практично да поминува врз него. Во овој перформанс уметникот е набљудувач исто колку што е и набљудуван, а посетителот и самиот станува изведувач.

Перформансот „Дводимензионално“ првично е направен пред неколку години за отворањето на изложбата „Модерн винг“ во „Арт-институтот“ во Чикаго.

– Многу размислував како би можел да ја искористам публиката во процесот на креирањето на тоа дело. Дојдов до идеја да го направам перформансот „Дводимензионално“, кој претставува социјален коментар. Тоа е кога реакциите на публиката го прават самиот перформанс. Идејата беше да се поврзат стариот и новиот дел од музејот, да се инсталира нов стаклен под, на кој ќе лежам и ќе медитирам. Реакциите на публиката беа снимани со камера, а имаше и една камера насочена кон мојот лик. Двете видеа беа проектирани во внатрешноста на новиот дел на музејот. Неверојатно е какви сѐ реакции се добиваат кога публиката е ставена во таква конструкција – вели Јосифов за овој перформанс.

Истиот проект го изведе и во Дубаи, а искуството, како што кажа тогаш, било доста невообичаено, особено реакциите на тамошната публика. Јосифов беше особено изненаден од тоа што женската муслиманска публика имала повеќе храброст да учествува во неговото дело отколку машката.

Низ перформансот како рефлексија на субјективноста на свадбените процесии и на важноста на градењето на идентитетот и културната и естетска релевантност на гробиштата во родната Македонија, Јосифов ги разгледува мотивите на загубата и смртта.

Перформансите на Јосифов се познати во светот, а Јоко Оно и Марина Абрамовиќ се само некои од светски познатите уметници на рецентната ликовна сцена што ги виделе. Беше дел и од историски значајната изложба „Уметникот е присутен“ на Абрамовиќ во Музејот на модерната уметност во Њујорк, каде што направи реперформанс на дело оригинално изведено од Марина и Улај во 1970-тите, за кое претходно учел на Универзитетот за уметност во Сан Франциско.

Роден е во 1986 г. во Кавадарци, дипломирал на Академијата за уметност во Сан Франциско, а самостојно изложувал во Сан Франциско, Беркли, Чикаго, Њујорк, Париз, Ширјах.

Ѕвезда на фестивалот е Марина Абрамовиќ

Кустос на фестивалот е Ѕвонимир Добровиќ, претседателот на „Домино“, кој како вовед за нивното претставување „Ноќ на перформансот“ утре ќе одржи јавен разговор со славната црногорска уметница Марина Абрамовиќ. Манифестацијата „Ноќ на перформансот“ е еден од главните културни извозни брендови на „Домино“, инаку познати по многубројните меѓународни соработки. Настанот е осмислен како дел од хрватскиот фестивал „Перфорации“, кој досега имаше свои изданија во Загреб, Сплит, Белград, Љубљана, Скопје, но и во Франција и во САД.

На манифестацијата се очекуваат од 800 до 1.200 посетители.

Вчера се одржа т.н. „Инвазивна вечера“, која ги спојува екологијата, кулинарството и изведувачките уметности во единствена форма за издигнување на свеста за инвазивните видови.

– Клучен момент од моето долгогодишно истражување на Балканот беше кога го запознав Ѕвонимир Добровиќ на фестивалот „Перфорации“ во Загреб во 2012 година. Токму овој фестивал е главната балканска платформа за перформанс, театар и танц што ја поттикнува радикалната интердисциплинарна уметности не само на еминентни туку и на млади уметници во подем. Тоа беше причината за поканата за Добровиќ да подготви слична програма во Атина, со што уверена сум дека на грчката публика ќе ѝ ги претстави најзначајните балкански уметници, а истовремено ќе ја продлабочи во нив свеста за екологијата. Ова е само чекор за соработка на независната балканска уметничка сцена – вели директорката на фестивалот, Арфара.

Абрамовиќ ќе има задача да ја подучува публиката за вештините на изведбата и набљудувањето на перформансот преку низа вежби за издигање на осветленоста на телесното и менталното искуство.
– Вежбите произлегуваат од нејзиното верување дека секој, независно од возраста, националноста, родот, расата, сексуалноста, социјалната класа, телесната способност или мајчиниот јазик, може да поседува поголема присутност во моментот. Во текот на кариерата Абрамовиќ се посвети на експериментирањето со овие вежби и сега сака да создаде опкружување во кое и другите ќе можат да го истражуваат тој процес – велат организаторите за учеството на најголемата ѕвезда на фестивалот во Атина, Марина Абрамовиќ.

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top