ЉУБИША НИКОДИНОВСКИ-БИШ – „МОЌТА НА ТЕАТАРОТ“ СОЗРЕВАШЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ ЧЕТИРИ ДЕКАДИ Reviewed by Momizat on . Како автор на монографијата „Моќта на театарот“, која беше промовирана на минатогодишното, 40. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ Како автор на монографијата „Моќта на театарот“, која беше промовирана на минатогодишното, 40. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ Rating:

ЉУБИША НИКОДИНОВСКИ-БИШ – „МОЌТА НА ТЕАТАРОТ“ СОЗРЕВАШЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ ЧЕТИРИ ДЕКАДИ

ЉУБИША НИКОДИНОВСКИ-БИШ – „МОЌТА НА ТЕАТАРОТ“ СОЗРЕВАШЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ ЧЕТИРИ ДЕКАДИ

Како автор на монографијата „Моќта на театарот“, која беше промовирана на минатогодишното, 40. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“, а во која на едно место хронолошки ја поместивте неговата богата историја, задоволен ли сте од досегашниот интерес за неа во јавноста?

Прегледот на основните информации, како и на главните идеи за развојот на „Млад отворен театар“, ја претставуваат неговата моќ да биде репрезент на новите театарски движења и двигател на љубовта за театарот, која ја одгледувавме сите овие долги години на овој популарен меѓународен театарски фестивал. Монографијата созреваше во изминатите четири декади со амбиција да се опфатат сите претстави хронолошки според годините, проследено со фотографии, одржани трибини, дебати, предавања, изложби на театарски плакати, експонати, костими, фотографии, промовираните книги, проекциите на снимени театарски претстави, бројните музички концерти…, заедно на едно место и во континуитет со учесниците, организаторите, како и со бројната фестивалска публика. Оваа убаво дизајнирана книга беше дочекана со радост и емоции и со многу позитивни одгласи во јавноста како тука, така и кај нашите соработници во странство.

Во монографијата на мошне систематичен начин е направен преглед на досегашниот развој на фестивалот кој е отворен во пролетта 1976 година. Колкава улога одигра и се’ уште игра тој во развојот на алтернативната театарска сцена и современата култура воопшто во Македонија?

Создавањето и развитокот на МОТ беа и ќе останат голем творечки успех на една генерација млади културни дејци на која имав чест да и’ припаѓам. Имено, заедно со Исо Русо, проф. д-р Кирил Темков и Ѓорѓи Симеонов ги поставивме темелите на фестивалот. Се комуницира со најсовремените театарски идеи во светот и на МОТ му вдахнувам сериозна амбиција на највисоки дострели. Среќен сум што долги години јас бев раководител и организатор на неговата дејност, што така можев своите идеи за театарот да ги претворам во практика, а тоа го правам и сега како негов почесен претседател.

А која е неговата улога во меѓународни рамки?

Со МОТ се реализираше и се реализира вистинското наше поврзување со современите, особено со алтернативните театарски творци, пред се’, во последните децении на минатиот век, како и со театарските асоцијации, центри и мрежи кои почнаа тогаш да се создаваат за да ги унапредат светските глобални текови на модерното театарско творештво. МОТ се вклучи активно во нив, во Неформалната европска театарска средба НЕТС/Informal European Theatre Meeting – ИЕТМ, со седиште во Брисел (1992), во Меѓународниот театарски институт ИТИ-УНЕСКО/ International Theatre Institute ИТИ (1993), Интернационалниот институт на медитеранскиот театар ИИТМ/Institut International du theatre mediterraneen-ITI, со седиште во Мадрид (1998). Имиџот на фестивалот и неговото членство во овие големи театарски мрежи и асоцијации овозможија во Република Македонија да гостуваат бројни театри и големи театарски имиња од регионот, Европа и светот. Тој има одлична соработка со театрите и врвни театролози, драмски автори, режисери, глумци, сценографи од сите земји во регионот. Ваквата соработка овозможи тука, во нашето Скопје, на различни сценски простори ширум градот да видиме дел од новите трендови во театарот: танцов театар, уличен театар, театар-циркус, театарско-музички перформанси… Да видиме македонски, ромски, албански режисери, актери, танчари… како се дружат и се вклучуваат во странски групи, како дел од нивните проекти.

Ги одржа ли Фестивалот своите врски со театрите и театарските групи од поранешните југословенски републики? Како реагираа во изминатите дваесетина години?

МОТ, финансиран и поддржуван од Министерството за култура на Македонија, низ годините го градеше својот имиџ на посакувано место за учество на театрите ширум поранешна Југославија. Во неговите програми во континуитет се присутни театри и разни театарски групи со квалитетни претстави, по наш избор. Пред се’, Словенско младинско гледалишче и Гледалиште „Глеј“ од Љубљана, Југословенско драмско позориште од Белград, „Ателје 212“, Битеф театар, Хрватско народно казалиште, Градски театар „Гавела“ и „Кугла-глумиште“ од Загреб, Црногорско народно позориште од Подгорица и многу други. Никакви бариери, и во најтешките периоди од нашата историја, не можеа да ги попречат предизвикот, желбата за дружење и размена на идеи (1991 – 9 претстави, 2001 – 17 претстави и двете со придружни програми). МОТ бил и ќе биде секогаш отворен за учество за сите, бидејќи самото име го обврзува на тоа.

Автор сте и на книгата „Алтернативниот театар во Македонија“, но во овој период подготвувате и книга за легендарната Театарска работилница на Филозофскиот факултет во Скопје. Зошто токму на оваа работилница ќе и’ посветите посебно издание?

Најпрвин Естетичката лабораторија и нејзините театролошки истражувања на Филозофскиот факултет во Скопје, подоцна Отворениот театарски универзитет со неговите најинтересни резултати од дејноста – резултираа со основањето на фестивалот „Млад отворен театар“ и на Театарската работилница. Нејзината дејност почна на 14 ноември 1978 година, означена со ексклузивниот набој на синтагмата „Ајде да си играме театар“, како една нова творечка активност во македонското општество и култура. Таа истовремено беше и израз на новите социјални тенденции на младата генерација и на новата генерација творци кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години. Тоа беше амбиција да се надвладеат кризата на општеството, кризата на духот, кризата на театарот и кризата на универзитетот. Театарската работилница даде сериозен придонес во разјаснувањето на реалитетот и на суштината на овие драматични случувања, даде придонес во ангажирањето на духот за согледба, сознание и објаснување и разрешување на најзначајните аспекти на овие кризи. Тоа го правеше со средствата на уметноста. Нејзините членови и творци беа млади интелектуалци, главно студенти по филозофија, но и од други факултети, кои своите сознанија и амбиции можеа да ги изложат и дискурзивно, но тие го одбраа патот на уметноста – да се осознаат себеси, да ги продлабочат своите сознанија, да ги искажат своите мисли и своите идеи и да им ги пренесат на сите, верувајќи во силата на уметничкиот израз и во моќта на креацијата.

Направени се четири претстави, со кои ги покажавме нашите идејни и театарски насоки и со кои се постигнаа големи успеси: „Најмалото театарче на светот ‘Зелена гуска‘, според театарските скици на Константи Илдефонс Галчински“, „Како трупата ‘Сина блуза‘ ќе ја прикажеше ‘Животинска фарма‘ од Џорџ Орвел“, „Пепелашка во поправен дом“ од Јануш Гловацки, „Сцени за шмекерите“ од Антонин Пшидал и рециталот „Гласот на милионите“.

Се навраќате ли често на периодот кога настапувавте во аулата на Филозофскиот факултет, Ве прашуваат ли сегашните студенти за тоа?

Да, секако, во сеќавањата и со возбуда и големо задоволство сум често присутен во аулата и на платото, со слики од преполната аула до последно место и (не)поднаведнати глави и нозе кои висат од галеријата. Среди посветени на културни настани, наместо настава и надвор од тоа, студентите, наставниот кадар, администрацијата, сите тука. Денес студентите, и не само тие, се интересираат, прашуваат, слушаат со интересирање, гледаат фотографии и не им се верува!

На влезот во аулата неодамна тие самоиницијативно поставиле плочка со натпис за претставите од седумдесеттите години на Театарската работилница, прекрасен подарок во спомен на тој период. Има од таа генерација, а и од оваа, кои би сакале тоа да се обнови…

Секое отворање на МОТ е поврзано и со црвени рози кои Вие ги подарувавте на публиката. Ќе има ли рози и на следното фестивалско издание, ќе ни откриете ли во која фаза е подготвувањето на програмата?

Во книгата „Моќта на театарот“ има фотографија од првиот МОТ во 1976 година, на која во аулата итам по скалите со првиот букет… Бројот црвени рози за публиката го означува бројот на фестивалското издание. Четириесет и првата роза го најавува годинешново издание на Фестивалот. МОТ оди понатаму…

Катерина Богоева

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top