МИТКО ГОГОВ: „СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ“ Е ПРАЗНИК, ЕУФОРИЈА, ТРАДИЦИЈА… Reviewed by Momizat on . Веќе претставува своевидна традиција Карневалот во Струмица да започнува со изложба на фотографии од претходните карневали. Дали на конкурсот учествуваат само п Веќе претставува своевидна традиција Карневалот во Струмица да започнува со изложба на фотографии од претходните карневали. Дали на конкурсот учествуваат само п Rating:

МИТКО ГОГОВ: „СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ“ Е ПРАЗНИК, ЕУФОРИЈА, ТРАДИЦИЈА…

МИТКО ГОГОВ: „СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ“ Е ПРАЗНИК, ЕУФОРИЈА, ТРАДИЦИЈА…

Веќе претставува своевидна традиција Карневалот во Струмица да започнува со изложба на фотографии од претходните карневали. Дали на конкурсот учествуваат само професионални фотографии, или има место и за аматери ентузијасти?

Конкурсот е отворен за сите оние кои имаат успешни фотографии и кои сакаат да се вклучат во споделувањето на магичните моменти од еуфоријата и амбиентот кои ги нуди „Струмичкиот карневал“, независно од тоа дали самите тие се дефинираат како професионални фотографи или не. Ова е осма година по ред здружението „Евро-визија“ да ја организира изложбата на фотографии „Карневалски слики 2015“.

Која е Вашата улога на изложбата и воопшто во карневалските активности?

Како претставник на здружението „Контекст – Струмица“, но и како дел од граѓанскиот сектор во Струмица, особено во областа на културата, со „Евро-визија“ веќе неколку години соработувам и сум дел од повеќето нивни проектни активности и драго ми дека сум дел од тимот кој ја организира оваа изложба. Од останатите карневалски активности кои се дел од програмата, во кои не сум вклучен, очекувам да бидат позитивни и забавни. Очекувам да видам добри маски и да го проследам со радост и годинешното издание на Струмичкиот карневал.

Дали повеќе сакате да фотографирате, или да се маскирате за карневалот?

За да има убави фотографии, треба да има и добри маски, ние ги имаме и двете страни. Се создава убаво парче историја секоја година, а фотографирањето, особено во денешно време е нешто неизбежно.

Што значи карневалот, т.е. како го доживуваат различни генерации на струмичани?

Струмичкиот карневал е своевиден празник, тоа се денови кои се вековна традиција на градот под Царевите кули и е директно поврзан со празникот Тримери. Овие традиционални игри под маски секако дека доживуваат трансформација, а и различните генерации поодделно и заедно, секоја година по еден забавен и уникатен начин можат да се пронајдат во различноста на програмата. Граѓаните во Струмица се вклучени во карневалската еуфорија уште месеци пред тоа, возбудата за овој настан е вродена, децата се вклучуваат преку своите училишта, средношколците исто така, младите се спремаат за ноќните забави, а групи пријатели за маскенбал. За секого има по нешто, важно е да имаш маска и желба за прослава на оваа традиција.

Во „некарневалските денови“, Вие сте всушност мултимедијален уметник. Колку уметности до сега се „собрани“ во Вашето си-ви?

Уметноста и литературата се мој животен двигател, а мојот мултисциплинарен ангажман е начин на кој се изразувам, оставам трага во општеството, порака која сметам дека треба да се слушне или визуелно претстави. Досега сум направил неколку краткометражни експериментални филмови кои биле проектирани во Македонија и во неколку држави како Бугарија, Италија, Хрватска и учество на неколку мултимедијални изложби, колонии или биенални претставувања во Норвешка, Франција, Србија и поетски фестивали во Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Италија. „Ледена вода“ е насловот на мојата прва книга, издадена во е-форма во Србија 2011, и 2014 година во печатено издание на „Антолог“, овде во Македонија. Дел од оваа поезија досега е преведена и застапена во неколку антологии и списанија за литература и уметност во Пакистан, Филипините, УСА, Русија, Шпанија, Чешка, Германија, Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија …

Покрај уметничките ангажмани и многу конкретно се ангажирани со информирање за дневните случувања преку „strumicaonline.net“. Колку дневните случувања влијаат на вашите уметнички афинитети?

„Strumicaonline“ е повеќе место за читање на малку поразлични содржини, доколку станува збор за дневни случувања сигурно се работи за објави од областа на културата во градот и активностите на граѓанскиот сектор во Струмица. Она што може да се прочита на strumicaonline.net се содржини од областа на животот, мотивацијата, лидерство, наука, технологијата, уметност (литература, архитектура, мода, ентериер, фотографија, филм, илустрација…), како и содржини за подигање на свеста и подобро организирање. Ете како има моменти кога дневните случувања можат да влијаат на уметничките афинитети, важно е да се апсорбираат сите можности за инспирација, но да се држиме до личниот израз на интерпретација, несомнено. Овде би ја споменал и работата како уредник, на еден од најдобрите езини за култура во „Македонија репер.нет.мк“.

По завршувањето на Карневалот, треба да патувате во Париз, а тоа е поврзано со поезијата. Очигледно е дека не сте од поетите што ја игнорираат реалноста. Всушност може ли реалноста да се „испее“ поетично?

Да, во Париз одам по покана за учество на неколку поетски читања. „Спокен ворд Парис“ е организација која одржува поетски претставувања на автори од цел свет. Секако дека не ја игнорирам реалноста, претставник сум на интернационалното поетско движење „100 илјади поети за промена“ за Македонија и во Струмица веќе пет години организираме поетски фестивал кој служи како платформа која ја нуди можноста преку поезија да проговориме за проблемите со кои се соочуваме со општеството, и локално и глобално. Поезијата е трансцедентна состојба на душата која помага да се (ис)пее се’ што се доживува, па и реалноста. Знае реалноста да биде инспиративна, се’ е до перцепцијата и тоа што од реалното, реално можеме да видиме.

Јасминка Павловска

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top