„ДОНА“ Е НАШИОТ ТАЕН КОД Reviewed by Momizat on . „Дона“, македонскиот музички адут за „Евровизија 2016“, по завчерашното поставување на каналот „Јутуб“, па се' до затворањето на весникот, имаше 40.950 прегледи „Дона“, македонскиот музички адут за „Евровизија 2016“, по завчерашното поставување на каналот „Јутуб“, па се' до затворањето на весникот, имаше 40.950 прегледи Rating:

„ДОНА“ Е НАШИОТ ТАЕН КОД

„ДОНА“ Е НАШИОТ ТАЕН КОД

„Дона“, македонскиот музички адут за „Евровизија 2016“, по завчерашното поставување на каналот „Јутуб“, па се’ до затворањето на весникот, имаше 40.950 прегледи и најразлични коментари. Се разбира, многубројни беа позитивните – „Калиопи е подготвена за следната, ’Евровизија’ 2017“, „Се роди уште еден евергрин“, па се’ до „Ни недостасува врисокот на крајот, како што го имаше ’Црно и бело’…

„Дона“ завчера, по масовното заедничко одгледување на евровизиското шоу во винскиот клуб „Воденица“ во Скопје, со аплаузи доби зелено светло од новинарите. Ромео Грил се погрижи за музиката, Калиопи – за зборовите и така се роди песната која во мај, во Стокхолм, на македонски јазик, ќе се бори за својата кариера.

„Вие сте ми најважни и сакам да го слушнам вашето мислење“, на свој начин, срдечно поздрави Калиопи, опишувајќи ја работната агенда за периодот што следува, се’ до мај, со промотивни турнеи и концерти, кои ги очекува со големо нетрпение.

– „Евровизија 2012“ во Баку за мене беше голема радост, не само поради пласманот туку и поради средбите со многу убави и интересни луѓе. Прекрасно доживување и искуство. Веројатно од таму дојде и мојата одлука да ја прифатам поканата на  МРТ, повторно да ја претставувам Македонија на претстојната „Евровизија“ во Стокхолм! Тогаш со Ромео направивме песна која и ден-денес говори за тоа колку е голема, а верувам дека слично ќе биде и сега.

Во специјалната емисија што ја водеа Александра Јовановска и Марко Марк, гости беа учесници на локални натпревари што ги изведуваа песните на Калиопи, но најголемото изненадување беа пораките од 13 овогодишни евровизиски претставници – Дин и Далал од Босна, Минус Уан од Кипар, Поли од Бугарија, Амир од Франција, Дами Им од Австрија, Фреди од Унгарија, Џејми Ли од Германија, Грета Саломе од Исланд, Мануела од Словенија, Иван од Белорусија…

Калиопи, со години незаменлива и впечатлива на музичката сцена, не го криеше задоволството од сработеното. И како што тоа најчесто се случува со големите уметнички имиња, водена од сопствената интуиција, ги почувствува стиховите што вистински легнаа на музиката што ја напиша нејзиниот бивш сопруг Ромео Грил, со кој ги испеа најубавите животни песни.

Калиопи: Различни приватни а само еден музички живот

Која е Вашата „Дона“- имагинација, енергија…

– Имам јас неколку Дони во мојот живот, некои се тука, некои, за жал, се заминати. Тоа се личности што недвојбено оставија трага во мене и поради кои сум таква каква што сум, тоа е енергија, голема и моќна.

Дона е симбол, инспирација што ја имаат сите, но и мисла, збор што во песната беше појдовна сила, што не’ облагороди, не’ напои со убавина. Ние двајцата го осетивме тој допир, тоа е најисконската, најсилната енергија меѓу нас.

Она што е многу вистинско е дека пишувајќи го текстот бев свесна единствено за силното чувство што живее во мене, тоа што секој човек го почувствувал барем еднаш во животот.

Иако секоја песна е остров за себе, би ја споредиле ли „Дона“ со „Црно и бело“, чувството кога се раѓаa песните…

– Да, секоја песна е приказна за себе. На „Црно и бело“ работевме со жар, а и со „Дона“ не беше поинаку. Она на што најмногу сум благодарна е што Ромео и јас, кога работиме, имаме неисцрпен извор за творење. Тоа богатство мене како пејач и уметник ми дава многу сила и сигурност, тоа е симбиоза, надополнување, музика.

Голема предност е кога можете да го искористите евровизиското искуство, кое во комбинација со песната и вокалната супериорност, сигурно ќе биде добро за нашата музичка историја. Имате ли некоја посебна стратегија за активностите на оваа „Евровизија“?

– Што се однесува до мене, ќе ја дадам својата животна интерпретација и во исто време сите Македонци ќе ги направам горди се’ додека траат моите три минути на евровизиската сцена. Инаку, најдобрата стратегија се песната и силата на уметникот. Кога ќе се качам на сцена, тоа е емоцијата, магијата. Тоа го сфатив во 2012 година и навистина е така.

За многумина е несфатлива симбиозата на бившите сопружници. Калиопи и Ромео, што поради заедничкото минато, што поради уметничкиот сенс, се незаменливи во она што го создаваат, во песните.

– Ние имаме различни приватни, а единствен музички живот. Или, поедноставно кажано, ние двајца сме само во успешен музички брак.

Ромеo Грил: „Дона“ е начин на кој водам љубов

Која е Вашата приказна за „Дона“, ја создававте ли бргу, наменски или едноставно – се роди?

– Пред да почнам да компонирам, на песната и’ посветивме околу еден месец. Одеше полека, со уживање и презадоволен сум, затоа што таа звучи токму онака како што сака Калиопи а јас знам што неа ја прави среќна. Најважно ми беше Калиопи да добие песна што ќе ја почувствува како жива материја, а потоа се случува нешто многу интересно – песната ја турка неа, и’ дава сила, па потоа Калиопи се вложува многу, најмногу и тоа е наизменично. Така било и ќе биде со сите наши големи хитови, проникнување, чиста емоција. Тоа е таен код.

Интересна работа, кога твориме, имаме хемија и двајцата, се чувствуваме и многу сме поврзани, тоа е како прелевање од едно место на друго… „Дона“, најискрено кажано, е силна, моќна песна, грандиозна во растењето, која откако ќе ја слушнете, ќе бидете потполно среќни. Или ако сакате – како што звучи песната, така јас водам љубов.

Приказната во композицијата е она што не’ опкружува. Еден автор, уметник, секогаш се инспирира од моменталните случувања. „Дона“ е нашиот начин и потреба да се изразиме, да кажеме. Јас и Калиопи работиме според принципот – тргнување од ништо, не сме оптоварени и не следиме трендови и стилови, не личиме на никого. Веројатно тоа е рецептот за успех.

Иако е неблагодарно да се прогнозира, сепак ќе Ве прашам, каква иднина и’ предвидувате на песната?

– Ние уметниците не размислуваме на тој начин. Песната е како слика, фатен, уловен момент. Имавме среќа што во кариерата имаме малку пропусти, се’ што направивме заживеа, песните се пеат. Кога одевме во Азербејџан, не размислувавме дека „Црно и бело“ треба да победи, или да освои петто, петнаесетто место. Уметникот создава дело за да трае. Јас не сум спортист за да одам на олимпијада, уметникот живее колку што е жива неговата последна песна… Ако морам да избирам помеѓу прво место на „Евровизија“ или песната да живее 20 години, ќе го одберам второто. И ќе живеам…

Валентина Тодоровска

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top