СУЗАНА СПАСОВСКА – 30 ГОДИНИ НА ЕСТРАДАТА Reviewed by Momizat on . „Т’га за југ“, арија од Пучини, песна на кинески јазик... со перфектна леснотија во својата изведба, Сузана Спасовска им ги подари овие музички изненадувања, по „Т’га за југ“, арија од Пучини, песна на кинески јазик... со перфектна леснотија во својата изведба, Сузана Спасовска им ги подари овие музички изненадувања, по Rating:

СУЗАНА СПАСОВСКА – 30 ГОДИНИ НА ЕСТРАДАТА

СУЗАНА СПАСОВСКА – 30 ГОДИНИ НА ЕСТРАДАТА

„Т’га за југ“, арија од Пучини, песна на кинески јазик… со перфектна леснотија во својата изведба, Сузана Спасовска им ги подари овие музички изненадувања, поразлични од нејзиниот вообичаен репертоар, на сите оние што дојдоа на нејзиниот јубилеен концерт, што се одржа во петокот, на 4 март, во салонот на МОБ. За овие три децении на македонската естрада, колку што Сузе национале ги одбележа со овој концерт, насловен како „30 години сцена, музика, Македонија“, дури и оние што се резервирани кон нејзината фолк-определба, не посакале да и’ ги оспорат гласовните капацитети на музичка примадона.

Елегантна, во три гламурозни креации, Сузана Спасовска на сцената на МОБ, ја остави во спомените онаа сценски екстравагантна Сузе, од која како што знае да каже, учела и Леди Гага. Емоциите насобрани поради јубилејот, полната сала, семејството и пријателите во публиката… не предизвикаа да и затрепери гласот на погрешно место туку само создаде нов квалитет во нејзината изведба.

Јубилејниот концерт на Спасовска започна со нејзините песни, кои беа хитови од нејзината рана фаза, крајот на осумдесеттите и деведесеттите години. Вистинската моќ на „голиот“ глас на славеничката, во придружба на само еден инструмент, гитара, првпат се покажа во песната „Стојане, сто те убиле“. Потоа, со секоја песна само се потврдуваше впечатокот и се надградуваше концертното доживување. Тоа продолжи со „Параходот ми пристигна“, во дуетот глас и виолината на Зоран Џорлев, на „Јано севдалино“, „Судбо моја“ и дуетот со машката пејачка група од „Танец“ на песната „Назад Калино моме“.

Во делот на концертот, наречен „Со пријателите“, Сузана Спасовска изведе песни од својот репертоар, во придружба на хармоника, токму од авторите на тие хитови: „Пеј, играј со мене“ со Гоце Џуклевски, „Засвири една наша“ со Милан Завков, „Ти верував до крај“ со Тодор Трајчевски, а тој дел заврши со заедничка изведба со Сашо Ливрински…

До крајот на концертот, секоја песна, колку и да била „вртена“ низ годиниве, публиката ја доживуваше како изненадување. Посебен миг беше заедничкиот настап на сцената на Сузе и нејзиниот професор по кинески јазик, на „Македонско девојче“, по нејзината изведба на кинеската песна, во придружба на харфа и мандолина, од Мерсиха Шукри и Бајса Арифовска.

Патриотскиот дел на концертот, се чини беше неизбежено да започне со „Горди Македонијо“ и сосема логичен со оглед на лајтмотивот на јубилејот „30 години сцена, музика, Македонија“… Едноставно, од сите аспекти си ја потврди „титулата“ – Национале! Кога се заврши по речиси 3 часа, беше уште еднаш потврдено дека на Сузана Спасовска, кога се работи за музика, може да и’ се верува до крај!

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top