КАДЕ Е ГРАНИЦАТА НА ОДРЖЛИВ ЈАВЕН ДОЛГ Reviewed by Momizat on . Откако најновите податоци на Министерството за финансии покажаа дека јавниот долг на Македонија достигнал 4,224 милијарди евра, или 47 отсто од бруто-домашниот Откако најновите податоци на Министерството за финансии покажаа дека јавниот долг на Македонија достигнал 4,224 милијарди евра, или 47 отсто од бруто-домашниот Rating:

КАДЕ Е ГРАНИЦАТА НА ОДРЖЛИВ ЈАВЕН ДОЛГ

КАДЕ Е ГРАНИЦАТА НА ОДРЖЛИВ ЈАВЕН ДОЛГ

Откако најновите податоци на Министерството за финансии покажаа дека јавниот долг на Македонија достигнал 4,224 милијарди евра, или 47 отсто од бруто-домашниот производ, повторно се актуелизира темата околу висината на задолженоста. Каде е границата на прифатлив и одржлив јавен долг за државава и како Македонија ќе ги отплаќа ратите што ќе достасуваат во наредниот период. „Утрински“ ги пренесува размислувањата на универзитетските професори Ѓорги Гоцков и Марјан Петрески.


Ѓорѓи Гоцков, професор на Економскиот факултет

Проблемот е во темпото со кое расте долгот

Во последно време, во светски рамки, а и кај нас, е многу присутна дискусијата за „прудентните“ граници за големината на јавниот долг – колкав треба да биде (како процент од БДП), за да биде одржлив на долг рок и да нема негативни реперкусии врз долгорочниот раст на економијата. Во овој контекст, се прават разлики во зависност дали станува збор за развиени земји или земји во развој. За развиените земји истражувањата покажуваат и упатуваат на прудентен лимит (црвена горна линија) од 60 отсто од БДП (ова се совпаѓа и со мастришкиот критериум). За помалку развиените земји и земјите во развој прудентниот лимит е проценет на 40 отсто од БДП.

Согласно со ова, нашата земја со јавен долг од 47 отсто од БДП веќе го надминува овој лимит (иако не многу, како што е случај со голем број земји). Треба да се има предвид дека секоја земја има различен капацитет на задолжување, поради што и ваквата емпириски утврдена бројка од 40 отсто од БДП треба да се земе само како индикативна, а не како строго поставена црвена граница што важи за секоја земја во развој. За попрецизно утврдување на црвената граница на нашата земја (дали е 40 отсто, под или над 40 отсто од БДП), треба да се направи дополнителна анализа, со вклучување на сите фактори кои влијаат врз одржливоста на јавниот долг во Македонија. Впрочем, постојат и примери на земји кои „банкротирале“ и со пониски износи на јавен долг, и примери на земји кои немаат никаков проблем и со значајно повисоки износи на долг.

Проблемот со јавниот долг во Македонија не е толку во неговото ниво, колку во интензитетот, односно темпото на негово зголемување во последните години. Зголемувањето на јавниот долг за последните пет години изнесува 2,3 милијарди евра, или повеќе од двојно и претставува агресивно темпо на задолжување и покрај неоспорниот факт дека во услови на криза е пожелна и потребна зголемена експанзивност на фискалната политика. За што се задолжува државата, односно што се финансира со тоа? Доколку се финансираат капитални проекти, тогаш и оправданоста за задолжувањето е поголема. Спротивното важи доколку задолжувањето се користи за финансирање на плати, пензии, социјални трансфери и сл.

Треба да се има предвид дека во наредниот период, согласно со доспевањата на јавниот долг, средствата за враќање на долгот треба да се обезбедат од буџетот, што во основа значи или кратење на некои јавни расходи (веројатно капитални), или зголемување на даноците, или креирања на нови задолжувања. Сите алтернативи изгледаат ограничувачки врз економскиот развој на земјата во иднина, што значи дека товарот од денешните задолжувања ќе го сносат идните генерации. Овој товар е поподнослив и оправдан доколку користи би имале и тековните и идните генерации (за изградба на патишта, хидроцентрали, болници и сл.).

Марјан Петрески, професор на „Американ колеџ“

Погрешно е трошењето на позајмените пари

Брзината со која се зголемува јавниот долг на Македонија е загрижувачка. Уште пред една година се произнесов дека Македонија се наоѓа на горната граница на задолжувањата. Притоа, би сакал недвосмислено да потенцирам дека мојот став е дека земја во развој како Македонија треба да се задолжува за да ги финансира своите развојни потреби. Под развојни потреби ги сметам какви било инвестиции во инфраструктурата – патна, железничка, образовна, здравствена, информатичка, истражувачка, односно се’ што на среден рок ќе ја зголеми конкурентноста на економијата.

Последново ќе донесе повисоки стапки на раст кои ќе овозможат идните генерации многу лесно да ги отплатат кредитите кои ги земаат сегашните генерации. Оттука, ако Македонија позајмуваше само за вакви потреби, тогаш сегашното ниво на долг немаше да изгледа високо, дури и сметам дека во таква констелација, постои дополнителен простор за задолжување.

Но, за што се задолжуваме ние? Повеќето од нас, граѓаните, за повеќето од позајмените пари, не го знаат одговорот на ова прашање. Забележете дека во јавната дебата никој не ги оспорува кинеските кредити за патиштата или последниот кредит на Светската банка за локалните инфраструктурни потреби. Тоа е така затоа што и експертската и општата јавност ја ценат употребната вредност на овие средства и тие не се спорни. Но, друг голем дел од задолжувањата, пред се’ еврообврзниците, како и домашното задолжување, над износот на долгот кој достасува, главно се користат за тековни буџетски потреби, односно за алиментирање на најавените зголемувања на административните плати, пензиите, социјалната помош. Тоа лесно може да се доведе во релација со нешто што би го нарекол предизборна компромитација. Во таков контекст, сегашното ниво на јавниот долг е на горната, би рекол, опасна граница, бидејќи не создава претпоставки за зголемување на отплатната моќ на економијата во иднина. Тоа треба да не’ загрижува сите.

Задолжувањата во јавноста се дочекуваат со изненадување. Ако Владата проектира буџетски дефицит, тогаш логично е тој од некаде да се финансира, па оттука и долгот да расте. Јавноста треба да очекува дека долгот ќе расте и понатаму, бидејќи се проектираат дефицити на буџетот. Да повторам дека тоа, по мое убедување, е исправна стратегија за земја во развој како Македонија. Она што е погрешно е трошењето на позајмените пари за непродуктивни цели. Ние како општество мора да најдеме модус да го смениме ова, па дури и тогаш кога сите позајмици би ги користеле за продуктивни цели, треба да разговараме за приоритетите во финансирањето на развојот.

Нина Нинеска-Фиданоска

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top