СЕЌАВАЊЕ НА ЧЕРЧИЛ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ Reviewed by Momizat on . Почитувани пратеници, колеги дипломати, претставници на медиумите. Би сакал да го разбудам духот на еден од гигантите на дваесеттиот век. Постигнувањата на овој Почитувани пратеници, колеги дипломати, претставници на медиумите. Би сакал да го разбудам духот на еден од гигантите на дваесеттиот век. Постигнувањата на овој Rating:

СЕЌАВАЊЕ НА ЧЕРЧИЛ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

СЕЌАВАЊЕ НА ЧЕРЧИЛ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

Почитувани пратеници, колеги дипломати, претставници на медиумите.

Би сакал да го разбудам духот на еден од гигантите на дваесеттиот век. Постигнувањата на овој човек се одбележани со многу статуи и имиња на улици низ светот, вклучително и овде во Скопје. Ако застанете на брегот на Вардар и погледнете кон Министерството за надворешни работи, ќе ја видите несомнено фигурата на Винстон Черчил, со пура во рака, со поглед над центарот на Скопје. Всушност, како да гледа низ центарот во насока на оваа зграда, што е многу пригодно.

Черчил првпат бил избран во Парламентот во Вестминстер во 1900 година. Се повлекол во 1964 година. Овој човек, со парламентарна кариера која се протега низ 64 години, имал многу трезвен став за демократијата. Демократијата, рекол тој, е најлошата форма на управување… освен сите останати.

Цитатов можеше да се однесува за денешниот парламент на Македонија. И покрај тешкотиите, покрај проблемите, секогаш треба да се зачува, затоа што нема подобро од демократијата.

Овој парламент е во срцето на демократијата на Македонија. Всушност, тој е срцето на демократијата на Македонија. Тој ја пумпа крвта низ системот и носи кислород до сите витални органи. Тука се создаваат законите, се предлагаат идеи, добрите поминуваат, а лошите се менуваат или одбиваат. Тука е местото каде што треба да се бара отчетност од извршната власт и таа да се проверува. Овде мора земјата да се обедини, без разлика кој од каде доаѓа. И на крај, најбитно, тука се претставени луѓето.

Токму последново е во фокусот денес. Пратениците, исто како министрите, дипломатите и другите официјални лица се слуги на народот. Многу е битно да не го заборавиме тоа. Ние сме овде да му служиме на народот. Како амбасадор, мене ме плаќа британскиот даночен обврзник да работам за интересите на британскиот народ. Како пратеници, вас ве плаќа македонскиот даночен обврзник за да работите за интересите на граѓаните на Македонија. Сметам дека нема поголема обврска.

Би сакал да цитирам уште еден современик на Винстон Черчил. Не мислам дека има статуа од него на покривот на Министерството. Но, Шарл де Гол имаше битна улога во обликувањето на Европа и имаше силни гледишта за демократијата. Според него, „не ги избираме луѓето за да отвораат цветни изложби“. Многу точно: при изборот на еден маж или жена, од нив очекуваме да направат се’ што можат за интересите на луѓето.

Утре е многу значаен ден. Со враќањето на парламентот во неговата полна сила, крвта на демократијата ќе почне повторно да циркулира. Ова се добри вести за Македонија. Но, не постои магично копче за да се испорача успех.

За политичкиот договор од Пржино кој не’ донесе до оваа точка требаше голема храброст и флексибилност од политичките лидери на оваа земја. Успешното враќање во парламентот утре и успешното обновување на парламентарната демократија во оваа зграда ќе бараат иста храброст и флексибилност и од вас како пратеници, без разлика од која партија сте и од сите кои се вклучени овде. Но, ќе бара и истрајност: ќе мора ова да го одржите на долг рок.

Ви посакувам успешна работа.

(Авторот е британски амбасадор во Македонија. Ова е неговото обраќање на одбележувањето на соработката на Вестминстерската фондација и Собранието на Република Македонија)

Чарлс Гарет

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top