БЕЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН, ЕУ НЕ Е КОМПЛЕТНА Reviewed by Momizat on . Дваесет години по војните на Западен Балкан, регионот е мирен и сите држави во него се стремат да станат земји-членки на ЕУ. Сепак, постигнатиот напредок не тре Дваесет години по војните на Западен Балкан, регионот е мирен и сите држави во него се стремат да станат земји-членки на ЕУ. Сепак, постигнатиот напредок не тре Rating:

БЕЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН, ЕУ НЕ Е КОМПЛЕТНА

БЕЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН, ЕУ НЕ Е КОМПЛЕТНА

Дваесет години по војните на Западен Балкан, регионот е мирен и сите држави во него се стремат да станат земји-членки на ЕУ. Сепак, постигнатиот напредок не треба се земе здраво за готово. Стабилноста на регионот се’ уште се потпира врз несигурни темели и во голема мера зависи од поддршката на Европската унија. Очекувањата за членство во ЕУ досега беа единствен најважен поттик за имплементацијата на тешките но потребни реформи, како и за одржливи напори за помирувањето во регионот. Нашата посветеност на Западниот Балкан да му се даде европска перспектива останува клучна во обезбедувањето на трајна стабилност во регионот, како и во однос на заокружувањето на трансформацијата на политичките системи, економии и општества. Мирни, стабилни и демократски земји на Западен Балкан се од стратешки интерес на Европската унија.

Берлинскиот процес, кој е инициран во 2014 година од страна на Германија, а оваа година продолжува и е организиран од страна на Австрија, додава нов момент и ја реафирмира нашата посветеност на таа перспектива.

Виенскиот самит на 27 август е втор по ред од петте планирани самити до 2018 година. Како и на првиот самит во Берлин, така и на Виенскиот самит ќе учествуваат премиери, министри за надворешни работи и министри за економија на сите држави од Западен Балкан, заедно со сите релевантни интересни групи од Европската унија и меѓународните институции. Целта е трикратна: прво – да се нагласи конкретниот постигнат напредок во регионот; второ – повторно потврдување и зајакнување на европската перспектива на сите земји во регионот; и трето – забрзување на реформите, зголемување на економските можности и поттикнување на соработката во регионот.

Минатата година во Берлин се согласивме да се фокусираме врз конкретни проекти од едноставна причина што луѓето од Западен Балкан очекуваат опипливи бенефити на патот кон Европската унија во однос на поврзаноста, вработувањето, образованието, човековите права, владеењето на правото и демократијата.

Како потпора на економскиот развој, регионалните лидери се согласија за регионалната централна транспортна мрежа и соодветните коридори. Европската комисија е подготвена до 2020 година како поддршка да стави на располагање една милијарда евра. Тоа ќе придонесе за подобро заемно поврзување на земјите од Западен Балкан, како и за нивното поврзување со ЕУ. Исто така, сакаме да помогнеме во создавањето на нови економски перспективи за младите во Западен Балкан. Австрија и Германија можат да понудат ефикасна експертиза на тоа поле, на пример, преку нивен дуален образовен систем во стручните училишта. Ќе биде претставена регионалната иницијатива за размена на млади, базирана врз многу успешните француско-германски и полско-германски модели. Тоа треба да придонесе за уривање на се’ уште постојните ѕидови во умовите на младите луѓе и за помирување.

Активно цивилно општество и слободни медиуми се основни столбови на секоја модерна и успешна демократија. Нашиот Форум на цивилното општество ќе ги нагласи вредностите како форуми за дебати и мирно решавање на социјалните прашања, како и нивната витална улога во барањето одговорност од владите.

Без сомневање, треба уште многу да се сработи, а тоа го покажуваат и непријатните инциденти во Сребреница оваа година, како и најновата ситуација со мигрантите. Сепак, постојат и неколку впечатливи успешни приказни. ЕУ успеа да ги седне на преговарачка маса Србија и Косово. Тие постигнаа импресивен напредок на патот кон нормализација на нивните односи. Бидејќи се’ уште многу работи треба да бидат решени, ние ги охрабруваме раководствата на Србија и Косово и понатаму да бидат посветени на таа работа. Неодамнешните успешни обиди на комесарот Хан во Скопје доведоа до договор меѓу најголемите политички партии. Ги повикуваме партиите сега да го трасираат патот за слободни и фер избори во април наредната година, со целосно имплементирање на потребните внатрешни реформи, создавајќи повеќе исти можности за сите политички кандидати. Во Босна и Херцеговина обновениот ЕУ-пристап придонесе кон насочување на вниманието врз социоекономските реформи од кои сите граѓани во земјата ќе профитираат. Тие примери покажуваат дека ангажманот на Европската унија има позитивно влијание во надминувањето на најтешките ситуации.

За време на конференцијата исто така ќе биде посветено големо внимание на фактот што патот преку Западен Балкан стана главна рута на растечкиот број бегалци кои бараат заштита во Европа. Најновите настани кај пограничниот македонски град Гевгелија се потврда за тоа. Тој развој претставува голем предизвик за пограничните власти и системот за барање азил во некои од земјите на Западен Балкан и во државите-членки на ЕУ. И државите на Западен Балкан, исто така, треба да преземат одговорност во справувањето со тие предизвици. Но тие не се сами: ние во Виена ќе дискутираме на кој начин Европската унија и одделните држави-членки на ЕУ можат да ги поддржат земјите од Западен Балкан во нивните напори за подобрување на обезбедувањето на границата и системот за азил.

На 27 август ние ќе ја потврдиме нашата посветеност на европската перспектива за сите земји од Западен Балкан, како и нашата континуирана поддршка за овој регион. Вратата на Европската унија мора да остане отворена за регионот на Западен Балкан, со цел да се обезбеди Европската унија да остане најуспешен мировен проект во светот. Јасно е дека без Западен Балкан, Европската унија не е комплетна.

Убедени сме дека Виенскиот самит и континуираниот Берлински процес ќе придонесат кон крајната цел – членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Австрија и Германија со сите сили ќе ги поддржуваат напорите во таа насока.

Франк-Валтер Штајнмаер, Себастијан Курц

(Франк-Валтер Штајнмаер е министер за надворешни работи на Германија, а Себастијан Курц е министер за надворешни работи на Австрија)

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top