Македонија има меѓународна поддршка од АСНОМ до денес Reviewed by Momizat on . Меѓународните дипломатски пораки и активности упатени до една земја треба да се примаат со големо внимание и крајна сериозност, а тоа особено се однесува на Реп Меѓународните дипломатски пораки и активности упатени до една земја треба да се примаат со големо внимание и крајна сериозност, а тоа особено се однесува на Реп Rating:

Македонија има меѓународна поддршка од АСНОМ до денес

Македонија има меѓународна поддршка од АСНОМ до денес

Меѓународните дипломатски пораки и активности упатени до една земја треба да се примаат со големо внимание и крајна сериозност, а тоа особено се однесува на Република Македонија.

Сме добивале различни пораки и околу нас се одвивале разни дипломатски активности. Сега ќе се види дали научивме од сопственото и од искуството на многу земји од опкружувањето, но и од земјите кои пред нас ги минаа нивните транзициски периоди за да станат земји членки во посакуваните асоцијации, ЕУ и НАТО.

Меѓународните дипломатски пораки и активности упатени до една земја треба да се примаат со големо внимание и крајна сериозност, а тоа особено се однесува на Република Македонија. Впрочем, веќе само со нејзината блиска историја, јасно е дека таа имала, има, и ќе има свое посебно значење во средиштето на Балканот и нејзиното опкружување.

Република Македонија поминува 25 години создавање и изградба на суверена држава во граници кои се определни и исцртани од 1913 во Букурешт. Во текот на Втората светска војна, во некои единици од партизанското движење во Македонија од поединци природно се јавувале чудни идеи и иницијативи, и се слушале повици за потребата по војната да дојде до ново исцртување на границите. Впрочем, партизанските единици именувани по познатите револуционери од Илинденскиот период го илустрираат постоењето непобитно чувство за македонски национален идентитет поврзан со територија која се наоѓала и во други соседни држави, каде останале роднини, пријатели и блиски на македонските партизани. Но, пораките на големите сили пренесени преку воените и партиските раководители брзо ги деморализирале иницијативите за прекројување на границите, а некои во подоцнежниот период повлекле сериозни обвинувања и пресуди.

На Првото заседание на АСНОМ на кое се удрени темелите на новата Република и нејзините елементи на државност, присутни се претставници на големите сили на антихитлеровската коалиција. Со нивното присуство практично се доби соодветен легитимитет, како потврда на заклучоците од Второто заседание на АВНОЈ 1943 во Јајце, кои се однесуваа на Македонија и на посебноста на македонскиот народ.

Со распадот на СФРЈ, Република Македонија ја прогласи својата независност. Од првиот ден почнаа невидени активности на сите нивоа и полиња во докажувањето на потребата за признавање на новата самостојна држава. Првите години независност се соочивме со континуиран силен притисок, од негирање на нашето уставно име, преку ембаргото, оспорувањето на јазикот и идентитетот, до негативно анимирање на голем број земји да се воздржат од признавање на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Но, во исто време бевме охрабрени од голем број земји со нивно видливо и позитивно однесување, постапки, изјави, поддршки и сл. во полза на независноста и создавањето нови демократски односи и институции на младата држава. Вреди да се потсетиме дека тоа се случуваше паралелно со почетокот на војните на просторите на поранешната југословенска федерација (1991-99).

Но, токму во виорот на крвавите настани на Балканот (БиХ), во 1995 САД го преземаа „случајот Македонија-Грција“ и, со интензивна дипломатска активност на тогашниот државен секретар Ричард Холбрук, дојде до смирување на тензиите, а финалето беше потпишувањето на Времената согласност на 13 септември 1995 во ООН во Њујорк.

Настаните и процесот на уредување на исто така новосоздадената соседна држава (СРЈ, Србија), во истиот период доведоа до сериозно вмешување на меѓународната заедница преку свои механизми, за тие да кулминираат со интервенцијата на НАТО. Процесите кои почнаа да се движат во несакан правец се проширија со закана врз штотуку започнатото заокружување на конечната определба на РМ за влез во европското семејство преку потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ (2000) во Загреб. Набргу на северните делови од Македонија се појавија воени раздвижувања на тогашната ОВК за да се преточат во тешка криза која одзема многу млади животи од двете страни. Активностите и пораките на меѓународната дипломатија повторно не беа доволно разбрани, за дури потоа да биде потпишан т.н. Охридски рамковен договор.

Проевропската определба на РМ потоа се практикуваше во комплицирани околности: од спроведување на Рамковниот договор, преку сериозни стопански предизвици во индустријата, земјоделството, трговијата, до регулирањето на финасиската проблематика – и сето тоа врз основа на европски критериуми, со употреба на механизмите на ЕУ (укажувања, смерници, потсетувања, барања) – кои беа поткрепени и со финансиска поддршка за забрзана реализација на поставените задачи.

Паралелно се одвиваа сериозни процеси во внатрешната политика на земјата кои беа постојано следени од надвор и, од време на време со засилен интензитет, не само од ЕУ, туку и низ поединечни потези на голем број земји на чело со САД. Периодичните оценки како и вообичаените препораки на ЕУ беа недвосмислени оценки за постигнатото, но и пораки дека во одредени сфери во демократските процеси, човековите права и слободи, медиумите, функционалноста на институциите и други витални делови на заедницата – потребно е да се работи многу и да се применат европски критериуми и вредности.

Отпорот и реакцијата на опозициските партии против актуелната власт заради забавувањето на реформите, замирањето на демократијата (толку видливо низ призмата на медиумите), партизирањето на државниот, сега веќе гломазен апарат, се покажа со јасно манифестиран гнев и се преточи низ т.н. „бомби“. „Бомбите“ предизвикаа огромно внимание не само во домашната јавност, туку и кај меѓународната заедница, пред  се ЕУ и САД, но и соодветни реакции во поедни моменти (Кумановската акција) од Русија.

ЕУ се ангажира преку бројни посети, а тоа го направи и американската страна. Препораките за изнаоѓање решение за кризата номинално започнаа да се практикуваат преку (досега) јаловите средби во Скопје, но и оние неколкутте во Брисел и Стразбур. Природно, од досегашните соопштенија требаше меѓу редови да се прочита дека „домашна задача“ има и за двете „страни“ за политички и мирно да се дојде до решение кое најмногу ќе значи опстојување на европскиот курс. Не само на зборови, туку со радикално менување на однесувањето преку конкретни потези.

(Продолжува)

Љупчо Арсовски, амбасадор, претседател на Комисијата за надворешна политика на ЛП

© 2017 Матица на иселниците од Македонија

Scroll to top